Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска објави дека доделувањето на Нобеловата награда за мир на јапонската организација Нихон Хиданкио, која ги собира преживеаните од Хирошима и Нагасаки на кои беа фрлени атомските бомби, служи како потсетник за многу сериозните последици поврзани со употребата на нуклеарно оружје.
Во изјавата на веб-страницата на ЕЕАС, Борел исто така рече дека ова е потсетување на одговорноста што ја споделуваат сите држави да спречат вакви настани, како и дека никогаш не смее да се води нуклеарна војна.
„Како што потсетија лидерите на петте држави со нуклеарно оружје во јануари 2022 година, во нуклеарна војна не може да се победи и никогаш не смее да се води“, рече Борел.
Тој додаде дека Европската унија постојано ја нагласува потребата од спроведување на сите обврски поврзани со Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ), кој ја вклучува потребата за конкретен напредок кон целосна имплементација на нејзиниот член VI, со крајна цел за целосно елиминирање на нуклеарното оружје.
„Ние промовираме универзализација и стапување во сила на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови. Вложуваме интензивни дипломатски напори за да го спречиме ширењето на нуклеарното оружје“, рече Борел.
Тој посочи дека Европската унија работи со партнерите ширум светот на глобалното зачувување и зајакнување на договорите за нуклеарно разоружување и неширење, како суштински придонес за меѓународниот мир и безбедност.
Нобеловиот комитет денеска соопшти дека овогодинешната Нобелова награда за мир ѝ припадна на јапонската организација Нихон Хиданкио за нејзините напори да се создаде свет без нуклеарно оружје и заложбите дека нуклеарното оружје никогаш повеќе не смее да се користи.
Движењето е создадено како одговор на атомските напади во август 1945 година, а неговите членови неуморно работеа на подигање на свеста за катастрофалните хуманитарни последици од употребата на нуклеарно оружје.