Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Борел: Ќе разговараме за санкции кон Иран и кон насилните еврејски доселеници

22 април 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

На денешната средба во рамките за состојбата на Блискиот Исток ќе разговараме за пакет санкции за Иран за што треба да се согласат сите земји членки, бидејќи за нивно воведување е потребен консензус, најави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург. 

- Ќе разговараме за воведување санкции за иранските програми за производство на проектили и дронови, рече Борел, додавајќи дека засега „на маса не се“ рестриктивни мерки поврзани со нуклеарната програма на Иран. 

Тој најави дека министрите ќе разговараат и за состојбата во Газа, која, како што рече, постојано се влошува и има нови бомбардирања со цивилни жртви. Од друга страна, според него, растат тензиите и на Западниот Брег, па ЕУ „ќе мора да разгледа“ и нови санкции за насилните еврејски доселеници, откако минатата недела воведе мал пакет. 

Во однос на најавите за барање за преразгледување на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, Борел истакна дека немало идеја за преразгледување, туку да се види „ако има нешто што би можело да се смета дека има ефекти врз договорот“. 

- Значи има едно АКО и едно БИ МОЖЕЛО. Повикав на дебата за политичката ориентација на Советот за асоцијација со нашите израелски партнери, но повикот беше одбиен. Дадов предлог да се повика министерот за надворешни работи на Израел да дојде со Советот за надворешни работи, поканата е испратена, но немаме договор за средба, рече Борел. Запрашан „Од кого е одбиен?“, Борел кусо одговори: „Од мнозинството во Советот“. 

Тој додаде и дека е побарано од Израел да не почнува офанзива во Рафа со цел да се избегнат цивилни жртви, бидејќи, како што рече, во случај на напад би можеле да бидат масакрирани околу еден милион луѓе, додавајќи дека лично тој и земјите членки инсистираат да не се случи нешто такво, но дека одлуката тоа не е во нивна надлежност. 

Кога станува збор за Украина, според Борел, ЕУ работи секојдневно на изнаоѓање начини да и се помогне на земјата и да се задоволат нејзините потреби. 

- Секојдневно и помагаме на Украина. А денеска е ден кога земјите членки ќе видат што можат да направат, кои се потребите на Украинците и ќе дадат предлози, рече Борел. 

Тој нагласи дека ЕУ постојано разговара со земјите членки за зголемување на испораките на воена помош, вклучително и средства за противвоздушна одбрана за Украина. 

- Мораме за разговараме за капацитетите на земјите членки на ЕУ за зголемување на поддршката за Украина, изјави Борел, додавајќи дека на Украина и е потребна муниција и лансирни рампи, кои, како што рече, без проектили се како топови без гранати. 

Според него, ќе треба да се види што од ова може да обезбедат земјите членки, бидејќи, како што рече, ЕУ не располага со оружје и воена опрема.  

Борел додаде дека покрај за состојбите во поширокиот регион на Блискиот Исток и во Украина, на средбата  министрите ќе разговараат и за случувањата во Судан.

- Тоа е војна која е речиси заборавена од сите, а е една од најсмртоносните војни на денешницата, додаде Борел при пристигнувањето на заседанието на Советот за надворешни работи Унијата, кое ќе започне со размена на мислења на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на ЕУ за состојбата во Украина со нивните украински колеги Дмитро Кулеба и Рустем Умеров преку видео конференциска врска. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ