Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Бајден одобри испраќање на 1.000 војници во Северна Каролина за помош по ураганот Хелена

3 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека војниците ќе „поддржат дистрибуција на храна, вода и други животно важни ресурси“.

Распоредувањето на војската исто така ќе „обезбеди дополнителни човечки ресурси и логистички капацитети, овозможувајќи на ФЕМА и другите меѓуресорски партнери што побрзо да стигнат до најпогодените области“.

Бајден и потпретседателката Камала Харис вчера отпатуваа во регионите зафатени од стихијата. Претседателот синоќа пристигна во Јужна Каролина за да се сретне со спасувачите и локалните власти, а подоцна со хеликоптер изврши инспекција на деловите од државата погодени од невремето. Во меѓувреме, Камала Харис отпатува во Џорџија, каде што се сретна со локалните власти и жителите на погодените делови.

Претседателот и потпретседателката исто така ќе посетат и други погодени држави, соопшти Белата куќа. Бајден планира да замине во Флорида и Џорџија, додека Харис утре патува во Северна Каролина.

Многу жители на оваа држава се уште немаат вода, мобилна мрежа и струја, додека спасувачите продолжуваат да бараат исчезнати лица по катастрофалниот удар на ураганот Хелена на југоистокот на САД при што најмалку 166 лица го загубија животот. Повеќе од 1,2 милиони потрошувачи уште се без струја во Северна и Јужна Каролина и Џорџија, додека Хелена продолжуваше да нанесува штети, напредувајќи во внатрешноста на земјата откако го погоди брегот на Флорида.

Меѓународната христијанска непрофитна организација Water Mission Disaster Response Team постави привремен камп во Бун, Северна Каролина, помагајќи на жителите да добијат чиста пивка вода.

-Ураганот Хелен помина низ овие области и уништи цели градови. Гледаме огромно уништување на инфраструктурата, изјави Брок Крејцбург, виш директор на групата за реагирање на водни катастрофи. „Луѓето на западот од Северна Каролина се без струја и вода, а многу планински заедници се отсечени од надворешниот свет, имаат ограничен пристап до храна, вода и струја... Обично не се соочуваме со вакви потреби во САД, но ситуацијата тука е критична... Можеби ќе требаат неколку недели пред да се врати струјата во нивните домови“. Крејцбург истакна дека неговата организација поседува технологии што можат да ја претворат загадената во пивка вода.

-Можеме да земеме вода од реки, која изгледа како чоколадно млеко, да ја филтрираме преку нашите системи, и крајниот производ ќе биде безбедна вода за пиење, рече тој.

Хелена го погоди брегот на Флорида минатата недела во четвртокот навечер, а потоа го започна својот разорен пат низ неколку држави од југоистокот на САД. Освен Флорида, погодени се и обете Каролини, Џорџија, Тенеси и Вирџинија.

Спасувачите и итните служби работат 24 часа на расчистување на патиштата, обезбедување храна, чистење на урнатините и потрага по затрупани лица.

Според властите, стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати. 

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ