Минатата година германските власти добиле предупредување за осомничен сторител на нападот со автомобил врз посетителите на божиќниот пазар во Магдебург во петокот вечерта, соопшти денеска Федералната канцеларија за миграција и бегалци.
„Ова е сфатено сериозно, исто како и секое друго од бројните предупредувања“, се вели во соопштението на платформата X.
Се додава дека Сојузниот завод не е истражен орган и дека информацијата ја проследувала до надлежните органи, следејќи ја постапката во вакви случаи.
Канцеларијата, исто така, соопшти дека не дала „никакви други детали за осомничениот или природата на предупредувањето“, пишува Асошиејтед прес.
Полицијата денеска соопшти дека се убиени четири жени на возраст од 45, 52, 67 и 75 години, како и едно деветгодишно момче. Надлежните соопштија дека се повредени 200 лица, од кои 41 се во тешка состојба.
Властите го идентификуваа осомничениот за нападот во Магдебург како саудиски лекар кој пристигнал во Германија во 2006 година и добил постојан престој.
Во саботата вечерта осомничениот бил изведен пред судија, кој наредил да биде задржан зад затворени врати до покренување на обвинителен акт.
Опишувајќи се себеси како поранешен муслиман, осомничениот бил активен корисник на платформата X, споделувајќи десетици објави дневно на антиисламски теми, критикувајќи ја религијата и честитајќи им на муслиманите кои се откажале од својата вера.
Тој, исто така, ги обвини германските власти дека не прават доволно во борбата против, како што рече, „исламизацијата на Европа“.
Се верува дека тој бил поддржувач и на антиимиграциската партија Алтернатива за Германија.
Десничарските активисти ширум Европа ги критикуваа германските власти дека дозволиле високи нивоа на миграција во минатото и за, како што гледаат, „безбедносни пропусти“.