АфД сака Германија да ја напушти ЕУ, враќање на германската марка и нуклеарните централи. АфД има за цел да биде најсилната политичка сила во Германија и сонува за Алис Вајдел како следна канцеларка, пишува Дојче веле.
Алис Вајдел влегува во изборната кампања за Бундестагот со силна поддршка од нејзината партија. На партискиот конгрес Алтернатива за Германија (АфД) минатиот викенд во Риеса, Саксонија, делегатите едногласно ја избраа за главен кандидат.
Конгресот на АфД во саботата започна само по неколкучасовно одложување: бројни групи ги блокираа пристапните патишта и побараа отпор кон партијата, која делумно се смета за екстремно десничарска.
Полицијата ги отстрани блокадите со употреба на солзавец и полициски кучиња. За време на акцијата, еден пратеник од партијата Левица, како што самиот тврди, бил претепан во бессознание од полицијата.
<b>Драстични промени во политиката за азил</b>
Очекувано, Алис Вајдел, 45-годишна економистка, ја најави радикалната изборна кампања на нејзината партија во нејзиниот инаугуративен говор. Таа бара драстични промени во германската политика за азил и миграција:
„Имаме план за иднината на Германија што ќе го спроведеме во првите 100 дена на власт: целосна контрола на границите“.
Дополнително, AфД ќе го промени системот за поддршка на барателите на азил - наместо пари, тие би добивале храна и работи што им се потребни. Таа повика на масовно враќање на барателите на азил во нивните матични земји:
„Кој ги уништува нашите градски центри? Кој ги напаѓа медицинските техничари, пожарникарите и полицајците? Кој покажува презир кон нашата земја која им обезбедува заштита?“
„И морам да бидам целосно искрена, ако тоа ќе се нарече ремиграција, тогаш нека биде ре-ми-гра-ци-ја!“ Оваа изјава делегатите ја поздравија со силен аплауз.
Под терминот „ремиграција“, десничарските екстремистички организации и членови на партијата долго време се залагаат за масовни депортации на мигранти од Германија. Кога терминот стана главна тема на контроверзните медиумски истражувања и извештаи на почетокот на 2023 година, тој предизвика масовни антидесничарски протести низ целата земја, во кои беа вклучени милиони луѓе.
Вајдел потоа се огради од идејата.
Во случај на учество во владата, АфД има намера значително да го отежне стекнувањето германско државјанство. Меѓу другото бараат построго почитување на принципот на потекло при доделување државјанство.
<b>Излегување од ЕУ, враќање на германската марка и нуклеарните централи</b>
Во надворешната политика, партијата силно се залага за националистички пристап на нејзиниот конгрес. Тие го промовираа излегувањето на Германија од ЕУ и повторното воведување на германската марка наместо еврото.
Тие, исто така, побараа независност на Германија од три политички сили: Кина, Русија и САД.
АфД е и против проширување на Европската унија, што важи и за земјите од Западен Балкан.
Таа посвети особено внимание на нападот на политиката на поттикнување на обновливите извори на енергија, која е многу непопуларна меѓу членовите на АфД.
Вајдел вети: "Можам да ви кажам, кога ќе бидеме на власт: ќе ги урнеме сите турбини на ветер! Секоја! Тие ветерници на срамот!"
Наместо тоа, AфД се залага за повторно воведување на нуклеарна енергија и подолг работен век на електраните на јаглен. Партијата ги отфрла научните наоди за човечкото влијание врз климатските промени.
<b>Нема потенцијални коалициски партнери поради десничарскиот екстремизам</b>
Алис Вајдел, исто така, ги упати своите напади кон конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ):
„Да ја престигнеме ЦДУ, таа партија на измамници и да направиме политика за Германија! Таа изјави дека целта на кампањата е АфД да стане најсилната политичка сила, пред ЦДУ. Според анкетите, АфД моментално има повеќе од 20 отсто поддршка, што ја прави втората најсилна партија во идниот Бундестаг, зад ЦДУ. Унијата на ЦДУ/ЦСУ, која во моментов ја поддржуваат околу 30 отсто од гласачите.
АфД во моментов нема реални шанси да учествува во владата. Сите други партии отфрлија коалиција со АфД, главно поради нивните десничарски екстремистички тенденции и членови.
Поранешен пратеник на АфД во Бундестагот и друг поранешен сопартиец во моментов се во притвор под обвинение за поддршка на терористички организации. И двајцата потоа беа исклучени од партијата.
Влијателниот политичар на АфД, Бјорн Хеке, двапати беше осуден на високи парични казни во 2024 година за користење на слоганот на паравоената организација СА на Адолф Хитлер во неговите изборни говори. Покрај тоа, бројни членови на партијата одржуваат блиски контакти со десничарските екстремистички организации.
<b>Маск го пренесуваше во живо конгресот на AфД на својата платформа</b>
Поддршката на американскиот технолошки милијардер Илон Маск беше дочекана со ентузијазам во сите фракции на партијата. Маск неодамна силно ја поддржа АфД, нарекувајќи ја „последна шанса за Германија“. Маск ја пренесуваше партиската конвенција во живо на својата социјална мрежа X, достигнувајќи милионска публика. Вајдел често го споменуваше Маск на конгресот како инспиративен модел.
Поддршката на Маск е оспорена од многумина во Германија. Администрацијата на Бундестагот во моментов истражува дали станува збор за прикриена странска помош во изборната кампања.