Германската влада планира да одобри закон кој ќе и овозможи на војската да соборува нелегални беспилотни летала, се вели во нацрт-амандманот на Законот за воздухопловна безбедност што го видел Ројтерс.
Агенцијата додава дека планот ќе биде разгледан утре.
Германија е во состојба на готовност од почетокот на војната во Украина поради можни хибридни напади од страна на Русија. Според планираната измена на тој закон, локалните власти ќе можат да побараат од армијата да реагира доколку сметаат дека е потребно.
На војската ќе и биде дозволено да употреби сила против нелегални беспилотни летала во случај на непосредна, особено сериозна опасност, се наведува во нацртот.
Владата на канцеларот Олаф Шолц има намера да гласа за амандманот во Долниот дом на парламентот пред федералните избори на 23 февруари, но не е сигурно дека ќе го има потребното мнозинство за овој потег.