Кој е Артан Груби и какви специјалности има/л? Дали ќе смогне сили, храброст и доблест да се врати во Македонија по бегството? Дали Али Ахмети кој не се огради од него, се сретна со него во Косово? Што ова ќе значи за партијата ДУИ и дали е ова некаква опомена за нејзиниот лидер?
За овие прашања, КУРИР <a href="https://kurir.mk/vesti/makedonija/artan-grubi-sam-sebe-se-izdribla-od-tepach-na-kale-preku-kabineti-do-begalec/">разговараше</a> со политичкиот аналитичар Сотир Костов.
-Кога зборуваме за Артан Груби, ние всушност зборуваме за улични тепачи во политиката која во изминатите десетина години ја криминализираа до тој степен што велиме дека политиката ни е криминална, а во исто време зборуваме и за политички ескапизам, бидејќи човекот избега. Во првиот момент кога се дознаа неговите незаконски и со Устав забранети дејствија, кога беше ставен на црната листа на САД, човекот се изгуби, го снема- ни на радар го има, ни под радар го има, вели Костов за КУРИР.
Да се потсетиме на неговата „славна изјава“ која гласеше: ЈАС ДРИБЛАМ! Но, клучното прашање е дали Артан Груби сам себе се издрибла?!
Според Костов, тој е политичкиот дриблер кој се издрибла самиот себе.
Што всушност му се случи на екс вицепремиерот?
-Јас во една прилика реков дека кој сади тикви со ѓаволот… и реков дека бидејќи ѓаволот ни ора ни копа, му се случува коперникарски пресврт. Груби доживеа и салто морале и салто мортале во политичка смисла. Човекот не бил политичар, бил актер во политиката, немал никаков вредносен систем, немал ни етичка ни морална вертикала, потенцира Костов.
Ајде да се потсетиме кој беше Артан Груби!
-Го запамтивме како уличен тепач на Кале, па потоа ни кажаа дека бил вработен во странска амбасада и го заштитија, па одеднаш стана шеф на кабинет на Али Ахмети, па од кабинетот на Ахмети влезе директно во кабинет во Влада како прв заменик на премиер, па потоа го знаеме и како водач на „Шверцери“, ама и уништувач на ентериери на културни институции- на Театарот наш. Самиот велеше дека дрибла, изигруваше Гаринча- најголемиот дриблер во историјата на фудбалот, во политиката, љубител на мал фудбал, на кошарка во неговиот кабинет, љубител на видео-лотарија, многу специјалности имаше овој човек. Дури е и човек кој сакаше да гради автопатишта, ама ништо од тоа, изгледа се работеше само за провизии.
Во исто време додека Груби, кој беше ставен на црнатас листа на САД и кој доби 30 дена притвор за случајот со криминалот во Државна лотарија, „замина“ во Косово, во Приштина отиде и неговиот колега кој НЕ СЕ ОГРАДИ од него, претседателот на партијата, Ахмети.
Се сретнале ли Груби и Ахмети во Приштина?
-Артан Груби наместо да стои зад зборовите, да покаже конзистентност дека е чист како солза, како што напиша во еден статус, го снема од Македонија и дознавме дека бил во Косово. И сега Али Ахмети оди во Косово, се слика.
Јас вака велам како политички аналитичар- сега ќе го видиме авторитетот на Ахмети, дали ќе успее да го врати Груби во Македонија. Ако се случи тоа, има мали шанси да се оправи ДУИ, бидејќи ќе се соочат со консеквенците на незаконско, криминогено партицирање на политиката. Ако тоа не се случи, а има шанси и да не се случи, Ахмети и Груби се договараат каде да ги пласираат украдените пари за време на политиката и во некое време да ги вратат пак да ги пласираат, да не заморуваат со нивните мега етникуми, да не лажат дека тие мислеле за интересите национални и државни на Македонија, а всушност работеа и работат, против нашите национални и државни интереси.
Сите индикации, сите основани сомненија, факти, аргументи, а веројатно и доказите со кои располагаат органите на прогон, кажуваат дека Артан Груби длабоко е запливан во криминал, во политички криминал и не случајно не опоменуваа и Фридом хаус и Светска Банка и Стејт департмент, дека корупцијата во Македонија е искачена на највисоко ниво во владините врвови- епа поголем врв од Груби беше само премиерот Димитар Ковачевски, а претходно Зоран Заев, потенцира Костов за КУРИР.
Сега ДУИ треба да се соочат со консеквенците.
-Како политички аналитичар советувам да се соочат со реалноста, да се обидат да ја реформираат ДУИ, а не само да ја префарбуваат површински. Тие ги полнеле своите и партиските џебови, вели Костов и додава:
„Ова е опомена и за Али Ахмети по две основи- едната е ненормално енормно богатење, а втората се хашките случаи кои како Дамоклов меч му висат над глава.
Ајде да видиме дали нашите органи на прогон ќе смогна сили, до сега се покажаа многу ефикасно, сите овие работи до крај да ги извршат“.
Aвтор: Катерина Бојаџиева