Зошто СДСМ се заробеници на сопствената глупост, корупција и зависност од ДУИ и не ја поздравуваат акцијата против Артан Груби и бандите од подземјето и со што толку ги држат и ги уценуваат, за да мора вака антидржавно да се однесуваат, прашува владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„И, кога ќе се опоравите и ќе сфатите дека нема како до сега и дека сите ќе одговараат, критикувале и бранеле вие или не?“, им порача владејачката партија на опозициската СДСМ.
Во реакција на прес-конференцијата на пратеникот Бране Петрушевски, СДСМ ги спомена Хашките случаи и потсети дека лица во ДУИ беа обвинети за злосторства против човештвото, ама заборавија да споменат дека тие вкупно 11 години владееја заедно со ДУИ.
„Зошто ако знаеле го пуштија Груби слободно да помине граница? Толку ли вреди договорот на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ којшто допрва треба да испорачува фактури. Вакви или слични дилови со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ прави цело време. Хашките случаи, т.е. толкувањето на законот што заедно го усвоија дозволи амнестирање на дела кои се подведуваат под квалитатив злосторства против човештвото. Со тој дил ВМРО-ДПМНЕ ги предаде жртвите на тортура и нехуман третман, кои доминантно беа Македонци“, соопшти СДСМ.
Ништо не ја пере ВМРО-ДПМНЕ за тоа што му озоможи на Груби слободно да ја напушти земјата преку граничниот премин Блаце, додаде СДСМ.
„Границата кон Косово ВМРО-ДПМНЕ ја сведе на решето за слободно поминување на криминалци и терористи. Наместо смешни прес-конференции партијата да го повика Тошковски да понесе одговорност и да поднесе оставка“, соопшти малата опозициска партија.
Пратеникот Петрушевски дека во СДСМ знаеле дека Груби краде ама се плашеле да го спречат.
– СДСМ е виновен што Груби неказнето крадеше. Сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира. Жално е да се гледа како сега СДСМ од петни жили се обидува да смислува сценарија, а тие додека делеа власт се плашеа да го спомнат Груби, а не пак да го повикаат на одговорност. Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДСМ како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт – рече Петрушевски.
СДСМ треба да излезат и да им се извинат на граѓаните, за тоа што молчеа додека Артан Груби правеше милионски криминал, повика Петрушевски.
– Не само што одмолчеа, туку потоа и му се приклучија функционери на СДСМ, како Димитар Ковачевски. СДСМ е до гуша во криминал, наместо евтини приказни, да почнат длабоко да се реформираат, зашто со криминалци во врвот на партијата тешко дека може нешто да очекуваат освен уште поголеми катастрофи – рече Петрушевски.
Во соопштение утрово ВМРО-ДПМНЕ истакна дека СДСМ и ДУИ дозволија да се продлабочи и да се рашират криминалот и корупцијата во Македонија, знаеле за криминалот на своите функционери и свесно дозволиле да се размрежи и да навлезе во секоја пора во општеството, само за да не им падне владата.
„СДСМ и ДУИ знаеле за криминалот на Артан Груби, знаеле и за Лотарија и за црната листа и молчеле, молчеле за коалициски мир и за да купат ден повеќе, за да можат да крадат. Зоран Заев, Венко Филипче, Оливер Спасовски биле први соработници и сојузници на Груби, знаеле за криминалот на Груби, но го толерирале и не го гонеле за да можат заедно да продолжат со матните зделки, тендерите во четири очи, криминалот и корупцијата. Додека Груби крадеше Димитир Ковачевски му бил соучесник и му го овозможил тоа. СДСМ и ДУИ 7 години не направиле ниту еден проект за општото добро на народот, бидејќи биле фокусирани на себе, како лично да се збогатат и станат милионери“, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија бара СДСМ да одговори зошто не го спречиле Груби во кражбите и зошто дозволиле да се осиромаши народот, да се уништи системот и да колабираат институциите.
Ќе има одговорност, додаде ВМРО-ДПМНЕ.