Професорот д-р Сашо Кожухаров, Декан на Економскиот факултет и Проректор за наука и развој на Универзитетот Скопје е лицето кое на 16 декември беше <a href="https://kurir.mk/vesti/makedonija/obvinitelstvoto-ja-istrazhuva-smrtta-na-profesorot-sasho-kozhuharov-koj-beshe-pronajden-vo-vodite-na-crna-reka/">пронајдено</a> починато во автомобил во водите на Црна Река.
Од Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска информираат дека преземаат повеќе дејствија за испитување на причините за смртта на 64-годишен скопјанец.
Веднаш по настанот беше извршен увид на лице место, а при првичниот преглед на телото на починатиот не се констатирани видливи траги на насилство. Издадена е наредба за обдукција, а обдукцискиот наод се уште се изготвува и не е доставен до обвинителството. Освен тоа, наредени се и дополнителни лабораториски анализи.
-Со цел испитување на настанот, надлежниот јавен обвинител издаде и барања до мобилни оператори за проверка на листинзи и податоци од базни станици за евентуална телефонска комуникација. Воедно, од АД ЕСМ – Подружница ХЕЦ Тиквеш побарани се информации дали во временскиот период на настанот е вршено испуштање вода од браната на хидроелектраната и дали при таков испуст се подига значително нивото на водата во Црна Река на критичната локација, велат од Обвинителството.
Врз основа на сите овие наоди и информации Основното јавно обвинителство Кавадарци целосно ќе го провери настанот.
Д-р Кожухаров беше познат економист, доктор на финансиски, сметководствен и трошочен менаџмент, професор од областите на микро и мезоекономските дисцилини, работеше и на менаџирање на факултетските активности, научно-истражувачка работа, организација на научни конференции, автор на повеќе стручни дела.