Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска најави дека следната година Армијата ќе добие нови професионални војници, како и дополнителен административен кадар потребен за Министерството за одбрана.
Според министерот, стабилното буџетирање, модернизацијата и вложувањето во човечки ресурси остануваат клучни приоритети за Министерството и на Армијата.
– Од следната година започнуваме со прием на 300 нови професионални војници. Ќе ги објавиме сите потребни информации, а заинтересираните ќе можат да аплицираат. Со тоа го зголемуваме бројот на припадници во Армијата и ја подобруваме борбената готовност. Исто така, продолжуваме со прием на до 60 граѓани со цивилни факултети и ќе завршиме со постапката за прием на питомци. Дополнително, ќе вработиме кадри кои се неопходни во Министерството за одбрана – истакна Мисајловски.
Министерот најави и дека од следната година Министерството редовно ќе ги исплаќа сите обврски кон вработените. Во изминатите шест месеци исплатени се 99 проценти од наталожените обврски од претходните години.
– Министерството издвоило околу 14 милиони евра за исплата на средства кои од 2014 година не беа исплатени. Оваа година успеавме да исплатиме 99 проценти од тие средства, што е значаен успех. Ова е важно бидејќи на тој начин избегнуваме трошоци за извршители и судски постапки. Од следната година ќе се стремиме сите обврски да бидат редовно исплаќани – рече Мисајловски.
Буџетот на Министерството за одбрана за 2025 година изнесува 329 милиони евра, од кои 106 милиони, односно 32%, се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Во однос на 2024 година, тоа е зголемување од 18 милиони евра.
– Модернизацијата и инвестирањето значителни средства се гарант дека македонската Армија секојдневно се менува и ја зголемува својата борбена готовност – нагласи министерот.
Следната година ќе пристигне значителен дел од новата опрема за Армијата, а планирани се и реконструкции на капацитетите во лоша состојба. Еден од објектите што ќе се обнови е Дом на АРМ, чија реконструкција ќе се спроведе етапно. Ќе се реконстуираат и камповите во Охрид и во Дојран, како и еден хотел во сопственост на АРМ.