ВМРО-ДПМНЕ како опозиција предупредуваше дека сериозно се исполитизирани обвинителството и судството, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Дејан Проданоски во гостување на телевизија Телма.
– Сметам дека акцијата спроведена од Министерството за внатрешни работи поврзана со истрагите за Државната лотарија е најмалку што можеше да направиме за на некој начин да го покренеме Обвинителството да направи некои чекори во покревањето на кривична пријава. Можам да ја потврдам тезата дека сега е поразлично и дека е поинаку, при овие кривични пријави немаше драма, немаше театар – рече Проданоски.
Пратеникот посочи дека полицијата бележи историски напредок во разоткривањето на криминал од висок степен и дека ова е тоа што граѓаните сакаат да го видат.
– Со добро изградени случаи, мислам дека ова е историски напредок на полициските службеници во разоткривање на криминалот од висок степен. Нашите граѓани гласаа за ова, гласаа за да има правда во оваа држава и сметам дека се движиме во вистински правец, без политички примеси во дејствувањето на органите – објасни Проданоски.
Проданоски нагласи дека државата е дојдена до ваква ситуација заради нарушувањето на системите во изминатите години.
– Ние заради нарушување на сите системи кои постоеја дојдовме до една ваква ситуација да белата чума е толку распространета. Последните иселувања се врз основа на она што значи несигурност во системот, а не од економска природа – рече Проданоски.