Предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес ќе добијат приоритет во постапувањето, соопшти Јавното обвинителство.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски донесе задолжително упатство за постапување според кое обвинителите и истражните центри ќе им дадат предност на ваквите предмети. Во рок од 10 дена сите основни и виши јавни обвинителства треба да изготват извештаи колку вакви предмети имаат и на кој начин постапуваат. Доколку се констатира неоправдано одолговлекување на постапките, ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители.
Оваа постапка на државниот обвинител Коцевски следува по бројните критики што ги упати премиерот Христијан Мицкоски за работата на Јавното обвинителство. Во повеќе наврати тој рече дека борбата против организираниот криминал и корупцијата запнува токму во ЈО, затоа што кога ќе треба да се издаде налог за истрага или за претрес обвинителите добиваат дијареја, анксиозност, покачена температура и слично. Минатата недела премиерот Мицкоски рече дека трпението завршило и дека ако треба „со корумпираните судии и обвинители ќе се справи на поинаков начин“, затоа што во ЈО се поднесени стотици пријави за корупција, ама нема ефект.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија со исклучителна сериозност ги зема апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата. Од тие причини, во рамките на своите надлежности, кои се од организациски карактер и не навлегуваат во предметното постапување на јавните обвинители, републичкиот јавен обвинител презема чекори за сериозна реорганизација на силите на ЈО која овозможува поефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела, особено од областа на финансискиот криминал и корупцијата“, соопшти Јавното обвинителство.
Од ЈО информираат дека републичкиот обвинител донел Задолжително упатство со кое, заради заштита на јавниот интерес и за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, се задолжуваат сите јавни обвинители итно да дадат приоритет во постапувањето по предметите за кривични дела од областа на корупцијата и од особен јавен интерес. На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствијата од страна на истражните центри на јавните обвинителства.
„Сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејствија и на веќе издадените наредби и барања, како и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Ако по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување“, соопшти ЈО.
Основните јавни обвинителства, се додава во соопштението, се задолжуваат во рок од 10 работни дена да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители на кои ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство.
„Треба да го утврдат бројот на предметите од областа на корупцијата, кои се подносителите, преземените дејствија и активните издадени наредби, да ги анализираат предизвиците при постапувањето и да изнесат предлози за нивно надминување ,со цел поефикасен кривичен прогон. Вишите јавни обвинители се задолжуваат во рок од 10 работни дена на стручен колегиум да го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство за предмети од областа на корупцијата, предизвиците при постапувањето во втор степен и да достават предлозите за нивно надминување. За сите овие активности ќе бидат доставени извештаи до републичкиот јавен обвинител, а ако биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките, ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители“, соопшти ЈО.
Обвинителството информира и дека републичкиот јавен обвинител Коцевски ги разгледал записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје и врз основа на констатираните состојби доставил предлог до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Предлогот е заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети, во кои се откажал од жалба или од обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје. Иницирањето на дисциплинската постапка е уште една потврда за посветеноста на републичкиот јавен обвинител да овозможи ефикасен кривичен прогон на сторителите на кривични дела и да побара одговорност од јавните обвинители кои неоправдано ги одолговлекувале постапките или неоправдано се откажувале од кривично гонење“, се вели во соопштението.
Од ЈО додаваат дека ја јакнат транспарентноста пред јавноста, особено во постапките за кривични дела против корупцијата и кои се од особен јавен интерес, а за таа цел на 11.12.2024 година е закажан брифинг за новинарите на кој ќе присуствуваат сите јавни обвинители кои имаат во работа предмети од јавен интерес.