Дигитализацијата е еден од клучните фактори, двигател на економскиот, социјалниот и технолошкиот напредок која ни овозможува полесен пристап до информациите во насока на подобрување и зајакнување на капацитетите за испорачување на јавните услуги. Значително придонесува за поголема транспарентност и отчетност, вклучување и побрза комуникација помеѓу институциите, приватниот сектор и граѓаните.Дигитализацијата на општинските и административните служби претставува клучен чекор кон потранспарентна, побрза и поефикасна администрација, која треба да ги задоволува потребите на граѓаните и бизнисите во насока на полесен пристап до услугите, на минимални административни процедури и обезбедување на навремени информации. На овој план е постигнато многу, но има уште многу предизвици пред нас и простор за понатамошен напредок. Целта е општинските и административните услуги да бидат подостапни, транспарентни и прилагодени на потребите на граѓаните и динамичниот економски сектор, истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински на овогодинешниот конференциски настан MeetUp 2025, организиран под франшизата на The Economist – „The Economist MeetUp“, посветен на зближување на бизнис заедницата во земјава, на која преку панелни дискусии се дебатираше за дигитализацијата, технологиите, општествената одговорност и трговската рзмена во регионот и ЕУ.
Според него, Министерството за локална самоуправа, заедно со Министерството за дигитална трансформација продолжуваат да ги дигитализираат општините, преземаат мерки до 2026 година да ги дигитализираат сите општини, а делуваа и во насока за ажурирање на општинските бази на податоци на даночни обврзници за поефикасно собирање на средствата од данок на имот и од комунални такси.
– Со поддршка на УНДП веќе е дигитализиран пакет на услуги во 23 општини, плус Градот Скопје кои својот систем го имаат поврзано со ЛоГес системот. Планот е во текот на наредната година кон системот да се вклучат уште 29 општини, а во 2026 година уште 28 општини. Доколку ја реализираме оваа динамика, за две години ќе имаме целосно дигитализирани општини во државата – нагласи Перински.
Тој смета дека со дигитализацијата се прави чекор кон поефикасна администрација, но и им се дава можност на граѓаните и бизнисите полесно и побезбедно да го планираат своето секојдневие и бизнис во современото општество. Со воспоставување на современи системски решенија, општините можат да создадат поволна деловна средина која поттикнува инвестиции, отворање нови работни места и економски раст.
– Партнерството меѓу општините и приватниот сектор е силен катализатор за постигнување заеднички успех и создавање нови можности преку заеднички проекти. Водени од оваа девиза, ние како Влада, воведовме нов голем и многу значаен национален проект. Практично ветивме развој, тоа и го остваруваме. Со објавувањето на јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер, оваа година одвоивме приближно 6 милијарди денари, средства обезбедени со ребалансот на буџетот. Како никогаш досега, општините имаат можност да ја унапредат инфраструктурата и директно да влијаат на подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните. Дополнително овие средства се директна економска инјекција на економиите на општинско и регионално ниво, бидејки истите средства треба да се изработат и да се исплатат директно на локалните бизниси – изведувачи на проектите. Оваа година се финансираат 274 капитални инфраструктурни проекти, главно патна, комунална и социјална инфраструктура. Директната поддршка на општините од страна на Владата ќе продолжи и в година. Децентрализацијата не е доведена во прашање. Општините самостојно одлучуваат за сопствените приоритети и самостојно ги имплементираат проектите – потенцираше Перински во својот говор.
На крај додаде:
„Она на што треба да бидат посветени општините е подготовка на квалитетни проекти, со целосна проектна документација што ќе гарантира брза и ефикасна реализација, без ризици. Симплифицирано, колку повеќе проекти толку повеќе работа за македонските компании кои ќе бидат ангажирани на тендерите распишани од страна на општините. Овој тип на соработка ги комбинира ресурсите, знаењето и искуството на двете страни, што води до поиновативни, ефикасни и одржливи решенија во различни области – од инфраструктура до економски развој и подобрување на јавните услуги, а со тоа и подобрување на квалитетот на животот на сите нас – граѓаните на Македонија. Со здружување на силите, општините добиваат поддршка, искуство и ресурси од приватниот сектор, додека приватните партнери добиваат можност да учествуваат во значајни проекти и да пристапат до јавните ресурси. Сите ние – општините, граѓаните, Владата и економијата – сме дел од истиот систем и само со заеднички напори, иновативни стратегии и дигитализација, можеме да го ослободиме потенцијалот за раст, просперитет и подобар квалитет на живот во нашите заедници“.