Македонската дизајнерка Ивана Кнез ги одбележа петнаесетте години присуство на домашната сцена со синоќешниот драматичен спектакл „Viva La Drama“, кој всушност го означи и стартот на Скопски моден фестивал.
Со ревијата конечно беше разрешена мистеријата која е домаќинка на тајната вечера. Ивана Кнез на присутните гости под маски им ја сервираше цела своја кариера, преточена во креации инспирирани од петте филмови кои оставиле најсилен впечаток во креативната дејност на дизајнерката.
„Инспирирана сум од пет култни филмови кои влијаеа во создавањето на тоа што сум, култни филмови кои до ден денес менуваат животи. Ја посветувам на моите најмили, на оние кои ме поддржаа, без разлика на се што се случи изминативе петнаесет години. Наменета е за жени кои не се плашат да живеат, кои не се вклопуваат во туѓи критериуми за среќа и кои имаат храброст да бидат свои“, рече Ивана.
На модната ревија со драмски призвук, дизајнерката ја претстави новата колекција, која е стилски омаж на филмовите: The Pink Panther (1963), Scarface (1983), Pulp Fiction (1994), The Fifth Element (1997) и Gladiator (2000), низ сценска игра на моделите, кои слободно комуницираа со публиката, претворајќи ја и неа во активен учесник во претставата. Шоуто кулминираше со изведбата на „Lady Marmalade“ oд музичката ѕвезда Бојана Скендеровски, додека манекенките дефилираа во црвени корсети, буква по буква, за френетичен завршеток на спектаклот „Viva La Drama“.