Исламските екстремисти планираат да изведат бомбашки напад на местото на одржување на Изборот за песна на Евровизија во Шведска следниот месец, во знак на протест против учеството на Израел, објави синоќа „Дејли мејл“, повикувајќу се на сознанија до кои дошле израелските новинари.
Тајните известувачи за израелскиот новински канал изјавија дека чуварите на најголемата џамија во Малме - градот домаќин - им рекле дека терористите планираат да ја нападнат арената каде што ќе се одржи петдневниот натпревар.
Претставувајќи се како муслимански британски туристи, новинарите тврдат дека биле предупредени од обезбедувањето да не присуствуваат на настанот бидејќи тој ќе „експлодира“.
„Не оди таму, не оди таму. Ќе го кренат во воздух“, додал еден од чуварите, а пренесува Дејли мејл.
Израелскиот ТВ канал Кешет 12 снимениот разговор го пријавил на организаторите на настанот, како и на шведската полиција, која сега истражува.
Портпаролот на Евровизија синоќа најави дека натпреварот сепак ќе се одржи, а во арената Малме со капацитет од 15.000 седишта ќе настапат уметници од најмалку 37 земји.
Се очекува присуство на фанови од целиот свет.