Vreme.mk - Дознај на Време.

Живот

Старосната граница за пензионирање во Белгија се зголемува на 66 години

1 јануари 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Реформите сепак оставаат можност и за пензионирање и со најмалку 60 години, доколку вработениот има над 40 години работен стаж. Така, во пензија може да се замине на 60 години со најмалку 44 години работен стаж, на 61 и 62 години со 43-годишен стаж, на 63 и 64 години со по 42 години стаж и на 65 години со најмалку 41 година работен стаж.    

Ваквите пензиски реформи за етапно зголемување на старосната граница за пензионирање беа донесени од тогашната Влада на конзервативците, либералите и демохристијаните предводена од поранешниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел. 

Со реформите е воведен и т.н. пензиски бонус, односно дополнителна сума на средства што едно лице ја добива доколку продолжи да работи и откако ќе исполни услови за пензионирање. Максималниот период на продолжувањето на работниот ангажман и по можноста за заминување во пензија изнесува до три години. 

Пензискиот бонус е пропорционален на работните часови што вработениот ќе ги одработи по стекнувањето на правото на пензија. Ваквата категорија на работници можат да решат дали ќе работата со полно или скратено работно време, од што ќе зависи и бројот на нивните работни часови и висината на бонусот.  

Со измените на пензиското законодавство на 66 години се покачува и стекнувањето на право за добивање на Гарантиран приход за стари лица (ГРАПА). Станува збор за паричен надомест што им се исплаќа на лица кои се постари од законската возраст за пензионирање, а кои немаат приходи за задоволување на основите животни потреби. 

Висината на ГРАПА на 1 мај 2024 година беше утврдена на 1.549,42 евра за самци и 1,032,95 евра за лица кои живеат во заедница. Предвидено е и годишна индексација, односно промена на висината на ГРАПА во зависност од инфлацијата и од трошоците за живот. Во 2024 година врз основа на индексацијата ГРАПА беше зголемена за 176,06 евра. 

Реформите предвидуваат и намалување на даночна стапка за корисниците на средства од вториот пензиски столб за 10 отсто, доколку заминат во пензија по исполнување на законската возраст за пензионирање и под услов без прекини да биле вработени во претходните три години. 

Се зголемува и возраста за стекнување на право на семејна пензија во случај на смрт на брачен партнер од досегашните 49 години и 6 месеци на 50 години. 

Промени има и кога станува збор за стекнување на право на гарантирана минимална пензија. До сега право на минимална пензија имаа лица кои можеа да докажат дека биле вработени најмалку 30 години, а за државните службеници беа потребни најмалку 20 години стаж. 

Од сега право на минимална пензија ќе имаа лицата со стаж од најмалку 5000 дена со полно работно време. За државните службеници е потребен стаж од најмалку 189 месеци, а за самовработените од 64 квартали. 

Со измените, државните службеници повеќе нема да имаат право на трајна инвалидска пензија, туку ќе добиваат привремена пензија за физичка неспособност во траење до максимум две години. 

Кога станува збор за пензионираните државни службеници, тие ќе се соочат и со промена на методологијата на раст на пензиите. Досега нивните пензии растеа согласно зголемувањето на платите на активните државни службеници. Но, од сега тие секоја година ќе добиваат зголемување на пензиите во вкупна вредност од „најмногу 0,3 отсто од вкупниот пензиски товар на платите на државните службеници“.  

Овие измени стапуваат во сила на 1 јануари 2025 година, но тоа не значи дека ќе бидат конечни за оваа година, имајќи пред вид дека реформите на пензискиот систем се меѓу приоритетните прашања на преговорите околу формирањето на новата белгиска Влада, па не е исклучено пензионерите во Белгија наскоро да се соочат со нови промени и услови. 

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ