Бадник е
денот пред Божик. Празник пред празникот. Најава на празникот. Очекување на
Христовото раѓање.
Првите
весници на празникот се децата коледари. А весник или гласник значи ангел. Тие
се нашите земни ангели. Тие се известувачите за Божик. Од рано утро нè будат со
песна и со радост. Тие се првите гласници на празникот – весници на радоста.
Нашите ангели за Бога и за Бадник. Рано в зори секоја куќа го слуша прекрасниот
детски глас, како глас на ангелите за раѓањето на Христа Спасителот.
За добрата
вест се наградува, а за коледарите награда се отворената врата, пречекот,
радоста и обичните дарови – плодови од природата: ореви, костени, јаболка,
круши, смокви, сливи и ситнурии. Се радуваат на малку и на едноставност, а тоа
е добро школо за нас возрасните дека, всушност, толку и ни треба. Доволна е
насмевка и радост, срдечност и љубов.
Тоа се
богатствата што ги добиваме од децата и такво е бадничкото семејно празнување.
Негова одлика се љубовта и едноставноста. Тоа е денот кога се чувствуваме
најблизу до оние што ни се најблиски и до она што ни е најблиску: до децата и
до родителите, до себеси и до своите, до семејството и до природата. Најблиску
до луѓето и до Бога.
Затоа на
Бадник семејството е црква. Секоја куќа е црква. Во секој дом се пали свеќа, темјан
и кандило. Во сите домови се принесува молитва од домашната црква. Молитва
заедно со принос – благодарност на трпезата. Како в црква евхаристија. Таква е
заедницата на љубовта. Заедница на заедничарењето. Радост со најблиските, љубов
крај своите.
И сето тоа
со пости, за душа да се гости.
На Бадник
завршуваат божикните пости. Тоа е последната посна трпеза пред Божик, а полна
со разновидна храна и овошје. Дарови од Бога, Нему принесени.
Бадник
значи будност. Зборот Бадник доаѓа од старомакедонскиот збор б’дник, будник,
што значи: бдеење, будност, неспиење во ноќта спроти Божик. Будни заради
очекувањето на денот на Христовото раѓање.
Таа
будност, тоа бдеење на Бадник, доколку не е молитвена будност, со присуство на
сеноќно бдение, тогаш е богоугодна и домашната будност со читање на Библијата –
читање за настаните поврзани со Христовото раѓање или будност во домашен
разговор за библиските настани. Така е најдобро и така најпријатно се
подготвува верникот за пречек на Господа. Тој Го чека Бога со насочени мисли,
чувства и волја кон Него.
И
бадничката богослужба е исполнета со библиски читања за пророштвата и записите
во Библијата за доаѓање на Христа Спасителот. На овој празник, во богослужбата
има најмногу читања на библиските текстови и настани поврзани со доаѓањето на
Спасителот на светот. Но, Бадник не е само вечерта и само ноќта, туку и целиот
ден. А дента има богослужба и добро е да се појде в црква, на молитва. Но,
сепак, поим за Бадник е бадниковата вечер.
Бадник е
ноќта на мирот, радоста, љубовта и сплотеноста, кога будни го дочекуваме
раѓањето на Господа Исуса Христа. Таа будност не мора да значи само будно око
од неспиење, туку уште повеќе значи будност духовна – да бидеме духовно будни!
Бадник е
роденденската ноќ на Спасителот.
Христос се
роди! – Вистина се роди!