- Повеќе од 150 добитници на Нобеловата награда и Светската награда за храна денеска објавија отворено писмо во кое нагласуваат дека се потребни многу поголеми инвестиции во истражување, производство и дистрибуција на храна за да се спречи глобалната криза со глад во наредните децении.
Во писмото се наведува дека околу 700 милиони луѓе денес се соочуваат со „несигурност во храната и очајна сиромаштија“, но доколку не се направат „невидени напори“ за производство на повеќе храна, многу повеќе луѓе ќе бидат во таква ситуација, а сето тоа порано отколку подоцна климатски промени, војни и пораст на населението.
-Колку и да е тешко и непријатно да се замисли, човештвото се движи кон ситуација во која до средината на векот несигурноста во храната ќе биде уште поголема, а светот уште понестабилен отколку што е денес, се вели во писмото потпишано од 153 добитници на двете награди.
Тие, исто така, укажуваат дека климатските промени ќе ја намалат продуктивноста на повеќето главна храна и дека се потребни значителни зголемувања за да се нахрани светската популација која ќе се зголеми за 1,5 милијарди луѓе до 2050 година.
Во писмото се истакнува дека драстичното зголемување на финансирањето за истражување, заедно со поефикасни начини за споделување информации и дистрибуција на храна, може да спречи криза со глад.
Во писмото повикуваат на „трансформациски напори“ како што се подобрување на фотосинтезата кај основните култури како пченицата и оризот, развој на култури кои не се потпираат толку многу на хемиски ѓубрива и продолжување на рокот на траење на овошјето и зеленчукот. /МИА