Vreme.mk - Дознај на Време.

Живот

Дали на просечен маж повеќе му е потребна сопруга или мајка!

11 ноември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Д-р Габор Мате во поткастот кај Јелена Ѓоковиќ открива како се однесувал во бракот.

Јелена Ѓоковиќ, глобалната директорка на Фондацијата Новак Ѓоковиќ, своевремено беше домаќин на познатиот канадски лекар и автор, д-р Габор Мате, во специјална епизода од подкастот „Разговори за родителство“. Д-р Мате е познат како еден од водечките експерти во областа на траумите и зависностите, со над триесетгодишно искуство во работа со пациенти кои се соочуваат со ментални и физички предизвици.

Тој е автор на неколку книги за емотивното здравје, вклучувајќи ги „Кога телото вели не“ и „Во царството на гладните духови“, во кои постојат истражувања за тоа како траумите од минатото ги обликуваат нашите животи, здравје и односи. Во овој разговор, д-р Мате отворено зборуваше за очекувањата кои општеството, особено мажите, несвесно ги поставуваат пред жените, особено пред сопругите и мајките.

- Ова ќе биде тешко за мажите да го слушнат, но јас го препознавам ова. Несвесно, сè уште бараме од нашите сопруги да ни бидат мајки. Тоа е делот од мајчинството кои тие никогаш не можат да го исклучат, нели? Повторно ќе зборувам од свое искуство, кога децата ни беа мали. Имавме два сина, пред да се роди нашата ќерка подоцна. Значи, имавме два „сина“, но мојата сопруга тогаш имаше три деца, меѓу кои и јас. Едното имаше една година, другото четири, а третото дете имаше 35. Енергијата што таа ја трошеше за да му биде мајка на „големото дете“, беше одземена од онаа потребна за „малите деца“ -  забележува д-р Мате.

Тој додаде дека сето тоа ја повредува жената како мајка, бидејќи сето тоа е претерано.

- Ги заморува тоа, ги стресува, и затоа добиваат автоимуни болести: хроничен замор, лупус, мултиплекс склероза, колитис, Кронова болест, егземи... Би можел да набројувам во недоглед. Ова е сериозен проблем. Жените носат исцелителска енергија во оваа култура, а мажите тоа го земаат здраво за готово. Треба да биде 50:50. Сепак, на мажите во оваа култура им е многу тешко да признаат дека нешто ги боли, дека се ранливи, туку очекуваат овие потреби автоматски да бидат задоволени. За нив всушност е тешко да ги признаат овие потреби и да ги признаат своите повреди - заклучи тој.

Овој емотивен осврт на д-р Мате ја осветлува длабоката динамика што постои во многу бракови, особено кога станува збор за очекувањето емотивна поддршка и грижа. Преку неговите зборови тој посочува како улогата на жената често се проширува до точка на исцрпеност, што може да има сериозни последици по нејзиното здравје.

На Инстаграм реакциите не изостанаа.

- Еве и еден маж. Не сум таков тип, многу сум ангажиран околу децата, храната, учењето и спортот. Бидејќи навистина не сакам мојата сопруга, мојот избор, мојата љубов и партнерка да биде истрошена и болна во своите 50-ти години.

- Докторот заборава дека секој човек е единствен. Никој не е ист и секој се води од сопствените искуства низ животот. Некој учи од прва, а некому му е потребно многу пати да се изгори... Само слабак бара од жената да му биде мајка, а алфа знае дека таа не му е мајка и така и се однесува.

- Тој е во право, како и повеќето од вас. Сега клучното прашање е: Кој ги воспитал сите тие мажи така?

- Една постара жена кажа нешто многу паметно: „Жени, угледајте се на мажот и користете го троседот што повеќе.“ Тоа е тоа.

- Долго време стојам на ставот дека на мажите им е потребна жена многу кратко време од животот, а мајка им е потребна постојано.

-Потпишувам, 100%. Имав двајца синови, а во бракот имав три деца, по разводот добив уште две и се прашувам како сум жива денес. Но, жива сум и здрава, и сама сум и многу уморна – се редеа реакциите.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ