Од 7 јануари, па се до Богојавление се некрстените денови,
кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба,
гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти.
Божиќ, денот на раѓањето на Исус Христос, христијанскиот
свет го прифатил како почеток на Новата година. Од денот на Христовото раѓање,
25 декември по Грегоријанскиот или 7 јануари по Јулијанскиот календар, па се до
Богојавление 6 јануари по новиот или 19 јануари по стариот календар се
некрстените денови.
Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони:
караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се
нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка,
вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.
Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги
изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара
нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски
најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии…
се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓето веруваат дека со
маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците,
стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе
ја напуштат земјата.
Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со
разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет
дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.
Се верува дека во овој период не треба да се излегува
навечер, а ако баш мора со себе да се носи лук, крст или некој остар предмет.
Се верувало дека во некрстените денови не се преде, не се
ткае и не се пере.
Надвор пак не се остава ништо бело, а посебно не детска
облека бидејќи злите сили би можеле да им наштетат на децата.