Пластичните хирурзи во Холандија за помалце од година дена интервенирале кај 62 луѓе повредени од огномет, вклучувајќи ги и новогодишните прослави оваа година, што е за осум повеќе од 2023 година, објави холандското друштво за пластична хирургија.
Во тој период, хирурзите извршиле пет ампутации на раката и лекувале жртви кои изгубиле 18 прсти и шест палци, објави денеска NL Times.
„Тежината на повредите е сè уште загрижувачка, со многу млади жртви и сериозни ампутации како резултат на нелегални огномети. Сметам дека е неразбирливо децата да имаат сè уште пристап до ова“, рече пластичниот хирург Анекатриен ван де Каар.
Од вкупниот број жртви, половина биле на возраст под 18 години, а само десет отсто од жртвите користеле легален огномет, соопшти холандското друштво за пластична хирургија.
Жртвата сама го запалила огнометот во околу 75 отсто од случаите, 13 отсто од повредените биле случајни минувачи, додека останатите се уште не се знае како се повредени.
Жртвите што ги лекувале пластичните хирурзи ширум земјата најчесто биле повредени околу новогодишната ноќ, а само 16 отсто веќе се здобиле со повреди пред 30 декември.