Албанскиот осуден провалник Доријан Пука (28), кој не може да биде депортиран од Велика Британија затоа што побарал азил, го исмејувал британското МВР објавувајќи новогодишни пораки од ноќен клуб во Лондон, <a href="https://www.gbnews.com/news/migrant-crisis-albanian-burglar-deported-home-office-london">објавија денеска британските медиуми</a>.
Како што пренесува британски Телеграф, Пука не може да биде депортиран се додека неговото барање за азил не биде целосно разгледано, процес кој може да потрае со месеци, ако не и со години, со оглед на заостанатите жалби на Судот за имиграција.
Пука, кој двапати беше затворен во Обединетото Кралство и беше депортиран поради кражба, објави слика на која ја прославува Новата година во ноќен клуб, пушејќи луле до танчерка.
Пука првично бил затворен на девет месеци во 2016 година, а потоа бил депортиран следната година откако се обидел да упадне на приватен имот чиј сопственик бил на одмор во Франција. Сопственикот го видел обидот на Пука преку камери кои ги имал поставено дома и го пријавил во полиција.
По една година, Пука успеал да ги избегне граничните контроли и да се врати во Велика Британија каде извршил серија кражби во предградијата на Лондон.
Тој повторно бил фатен од полицајци во цивилна облека во југозападен Лондон, овој пат носејќи скап часовник што го украл, по што бил затворен на три и пол години пред да биде депортиран од Британија во март 2020 година.
Откако се вратил во својата родна Албанија на неколку месеци, тој патувал низ Германија, Белгија и Холандија, пред да се прошверцува во Британија во декември 2020 година, според неговиот Инстаграм профил, кога аплицирал за азил.