Потрошувачките цени во Кина се зголемија за 0,7 отсто на годишно ниво во февруари, што укажува на излез од шестмесечната дефлација.
Втората по големина светска економија во јануари имаше најголем пад на цените во последните 14 години, додека другите големи економии во светот, особено западните, сè уште се оптоварени со инфлација и пад на куповната моќ на дел од населението.
Инфлацијата во февруари беше повисока од очекувањата на аналитичарите анкетирани од агенцијата Блумберг, кои прогнозираа 0,3 отсто.
Цените пораснаа главно поради прославата на лунарната нова година во февруари, која е повод на најголемите семејни дружења во годината, а е и период на голема потрошувачка.
Според податоците на Националното биро за статистика (НБС), цените на храната, тутунот и алкохолот продолжуваат да се намалуваат, за 0,1 отсто на годишно ниво, но цените на другите производи бележат раст, особено во образованието, културата и забавата ( + 3,9 отсто), услуги (+3,0 отсто) и облека (+1,6 отсто).