Vreme.mk - Дознај на Време.

Балкан

Тасулас: Врвна чест, но и одговорност предлогот за претседател на Грција

15 јануари 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Предлогот на претседателот на Нова демократија и премиер Кирјакос Мицотакис за функцијата Претседател на Републиката за мене претставува врвна чест, но и одговорност, порача претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас, откако Мицотакис го предложи за шеф на државата, додека пак актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу се заблагодари за честа и довербата, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасулас, кусо откако грчкиот премиер ја соопшти неговата одлука за претседател на државата, рече дека сега збор има Парламентот.

- Со оглед на тоа што веќе влеговме во упорно турбулентни и неизвесни времиња, а ова го гледаме и блиску до нас и пошироко во светот, зачувувањето на нашето национално единство и хармоничното функционирање на овластувањата на државата стануваат уште повредни предуслови за стабилноста и за просперитетот на нашата земја, порача Тасулас.

Актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу, чиј мандат завршува на 13 март, во нејзината изјава се заблагодари за честа и довербата и му посака успех на новиот претседател што ќе биде избран од Парламентот.

-За време на мојот мандат се обидов да ги извршам моите должности со најголема можна одговорност кон грчкиот народ и мојата совест, почитувајќи ги надлежностите и институционалната улога што Уставот ги предвидува запретседателот на државата, рече Сакеларопулу.

Од грчките опозициски партии негативно го оценуваат владиниот предлог за претседател на државата, коментирајќи дека станува збор за партиски кандидат.

Опозициската СИРИЗА во понеделникот за претседателка на државата ја предложи поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК и почесен професор по економија на атинскиот Универзитет, Лука Кацели, додека пак од ПАСОК најавија дека ќе излезат со свој предлог. 

Согласно Уставот, претседателот во Грција го одбира Парламентот по предлог на Владата, најмалку еден месец пред истекот на мандатот на актуелниот претседател, а предвидени се најмногу пет гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници.

Соодветните процедури ќе започнат на 25 јануари со првото гласање, а според калкулациите и со оглед на ставовите на опозициските партии, се очекува претседател да биде избран при претпоследното, четврто по ред гласање.

Со уставните измени на крајот на ноември 2019 година, изборот на претседател се одвои од предвременото распуштање на Парламентот, за да се избегне реприза на она што се случи во 2015 година, кога недоволниот број гласови за претседателскиот кандидат доведе до предвремени избори во земјата.

Сега, при гласањето во Парламентот доколку кандидатот не добие двотретинско мнозинство, гласањето се повторува по пет дена, а доколку и при второто гласање не се постигне потребното мнозинство, ќе се одржи и трето, по пет дена и во тој случај се избира претседател на државата кој добил мнозинство од три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници.

Доколку не добие ни 180 пратеници, ќе следи и четврто гласање, повторно по пет дена, кога ќе биде потребно мнозинство од вкупниот број пратеници, а доколку и ова мнозинство не се постигне, гласањето се повторува по пет дена, по петти пат и за претседател се избира кандидатот кој добил соодветното мнозинство.

Актуелната претседателка во 2020 година, на предлог на Владата на Нова демократија беше избрана при првото гласање, со широко мнозинство, односно со поддршка од три партии и со 261 глас, 61 повеќе од неопходниот минимум. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ