Vreme.mk - Дознај на Време.

Балкан

БИРН: Од нападот на Хамас, Србија во Израел извезла оружје во вредност од милион евра

12 март 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Иако Министерството за внатрешна и надворешна трговија на Србија одби да му даде на БИРН податоци за тоа колку оружје е извезено во Израел од нападот на Хамас во октомври 2023 година, БИРН откри дека најмалку две пратки во вкупна вредност од еден милион евра биле испратени во Израел во овој период, пренесува дописникот на МИА од Белград.

Податоците за извозот на оружје во Израел се чуваат под ознаката „строго доверливо“. Ова е напишано во одговорот во кој Министерството за внатрешна и надворешна трговија одби да му достави на БИРН информации за извоз на оружје во Израел од октомври, побарани врз основа на барање за пристап до информации од јавно значење.

И покрај одбивањето на Министерството да обезбеди податоци, БИРН открива дека водечката државна компанија за извоз на оружје, Југоимпорт-СДПР, испратила две пратки во Израел во периодот од октомври 2023 година до денес, со вкупна вредност од повеќе од еден милион евра.

-Според податоците на Царинската управа собрани од Checkpoint, портал кој на едно место ги собира официјалните податоци на државните институции, Југоимпорт-СДПР во октомври 2023 година во Израел извезла стока во вредност од 540.120 евра, додека во февруари годинава испратила уште една пратка вредна 510.000 евра, соопшти БИРН.

Останува непознато дали Србија во истиот период издала уште некоја дозвола за извоз на оружје во Израел која допрва треба да се реализира, со оглед на тоа што Министерството го одби барањето на БИРН.

Израел не е на врвот на листата на земји во кои Србија вообичаено извезува оружје. Последниот значаен извоз го забележа „Први Партизан“ од Ужице, ППУ, државна фабрика позната по производство на муниција. ППУ во март и април минатата година во Израел извезла стока во вредност од околу 780.000 евра. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ