Серискиот убиец Тед Банди убиl 30 жени помеѓу февруари 1974 и февруари 1978 година, а се верува дека вистинскиот број на неговите жртви е уште поголем. Тој често им приоѓал на жените на јавни места, ги шармирал или дури глумел повреда, а потоа ги намамувал во некој оддалечен дел од градот и ги убивал. Банди бил осуден за 30 убиства, а по два обиди да избега од затвор, бил погубен во 1989 година.
Елизабет Кендал, поранешната девојка на серискиот убиец Тед Банди, во документарен филм по 40 години открила како изгледала нивната врска и како помогнала да се изведе пред лицето на правдата. Таа, исто така, најавила реиздание на нејзините мемоари од 1981 година, во кои опишува застрашувачки детали од периодот на нејзиниот живот поминат заедно со масовниот убиец.
Книгата „Принцот фантом: Мојот живот со Тед Банди“ е посветена на романсата на Елизабета со Банди. Иако Елизабет прва го пријавила Банди во полиција, таа тврди дека со години не знаела ништо за монструозните злосторства на нејзиното момче, кое го запознала во ресторан во Сиетл во октомври 1969 година. Елизабет во тоа време веќе била разведена и сама ја одгледувала својата ќеркичка Моли.
<b>„Хемијата меѓу нас беше неверојатна“, напишала таа во своите мемоари.</b>
Таа признава дека бил многу убав и дека веќе се видела во брак со него и замислувала како ќе се викаат нивните деца. Ја поминале таа ноќ заедно, а тој и подготвил појадок, за да ја однесе во Ванкувер следниот викенд. Како што одминувало времето, Елизабет почнала да забележува необични работи за нејзиното ново момче. Еднаш, во една фиока, меѓу неговите работи, нашла женска долна облека и гипс.
„Ако некогаш некому кажеш за тоа, ќе ти ја скршам главата“, ѝ рекол тој.
Три години откако се запознале, Елизабет дознала дека го носи неговото дете, што ја „вознемирило“.
„И двајцата знаевме дека во тој момент не доаѓа предвид потомство“, напишала таа.
"Тој таа есен требаше да започне со студии на правниот факултет, а јас морав да работам за да го издржувам. Бев вознемирена. Знаев дека треба да ја прекинам бременоста што е можно поскоро. Тед, сепак, беше задоволен од себе. Направи дете“, пишува Елизабет.
Иако никогаш не бил насилен кон неа, Елизабет открива дека и тоа како можел да ја повреди со изливи на гнев и сурови изјави. Некаде во тоа време, локалните медиуми објавиле за човек по име „Тед“ кој вози фолксваген и кој извршил ужасни злосторства. Еден ден било објавено дека неговата рака е во гипс, а Елизабет се сетила на гипсот во фиоката и за прв пат се посомневала.
Во август 1974 година, таа контактирала со полицијата во Сиетл. Им рекла дека во собата на нејзиното момче пронашла патерици кои личат на оние употребени во последниот напад.
Банди успеал да ја придобие довербата на своите жртви преправајќи се дека скршил коска и дека му е потребна помош. Тој користел не само лажен гипс, туку и шарм и добар изглед.
Тој чувал „трофеи“ од секоја жртва - вклучително и неколку глави што полицијата ги нашла во неговиот стан.
Банди бил уапсен во 1975 година за киднапирање на Керол Даронк и бил осуден на 15 години затвор. Меѓутоа, избегал во 1977 година скокајќи низ прозорецот на затворската библиотека.
Осум дена подоцна полицијата повторно го уапсила, а потоа успеал уште еднаш да побегне. Продолжил да убива, а потоа во 1978 година повторно бил зад решетки.