Поради компликации предизвикани од труење со печурки, во изминатите три дена лекарска помош во Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) во Тузла побарале 23 пациенти, од кои тројца се задржани на болничко лекување.
Како што потврдија за Кликс од УКЦ во Тузла, на Инфективната клиника во изминатите три дена се пријавиле 23 пациенти поради труење со печурки, а сите се од подрачјето на кантонот Тузла.
Посочија дека по укажаната лекарска помош 20 се упатени на домашно лекување, додека тројца се задржани во болница поради потешка клиничка слика. Никој од нив не е во животна опасност, пренесува Српскаинфо.
Симптоми на труење со печурки се гадење, болки во стомакот, повраќање и дијареа, дезориентација, вртоглавица и губење на свеста. Во некои случаи на труење, овие симптоми се појавуваат по половина час, а зависат од видот на печурките што се консумирале.
Многу поопасни се труењата кои се манифестираат по подолго време, бидејќи отровите веќе нанеле непоправлива штета во организмот, пред да бидат исфрлени со повраќање или дијареа, а при вакви труења не е исклучена смртта.
Тековниот период е период кога граѓаните често имаат можност да консумираат различни видови печурки. Треба да бидете внимателни, бидејќи труењето со печурки може да биде многу опасно, па дури и фатално.
При берење печурки, поради постоењето на многу слични видови, лесно може да дојде до забуна и наместо печурка за јадење, да се набере отровна.
Ако не ги познавате добро печурките, најдобро е да не ги берете сами и да не ги купувате од луѓе за кои не сте сигурни дека се добри експерти за печурки.