Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Сафади: Јордан нема да дозволи да биде вмешан во судирот меѓу Иран и Израел

19 април 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Јордан нема да дозволи да биде во центарот на конфликтот меѓу Иран и Израел и со тоа да ја загрози безбедноста на своите граѓани, соопшти Министерството за надворешни работи на оваа земја, повикувајќи се на зборовите на јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади до неговиот ирански колега Хосеин Амирабдолахијан.

„Сафади нагласи дека сегашната ескалација служи само за одвлекување на вниманието од израелската агресија врз Газа, чие запирање мора да биде приоритет“, се додава во соопштението, пренесува Ал Џезира.

Американски функционер претходно денеска изјави за Си-Ен-Ен дека Израел го нападна иранскиот град Исфахан како одмазда за нападот на Иран врз Израел на 13 април, а иранските медиуми објавија дека три беспилотни летала биле соборени над Исфахан.

Иран го нападна Израел на 13 април со околу 300 беспилотни летала и проектили како одмазда за нападот на Израел врз конзулатот во Дамаск на 1 април, во кој загинаа командантот на иранската револуционерна гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет полицајци кои ги придружувале.

Иранските власти, исто така, претходно оваа недела го критикуваа Јордан за отворање на воздушниот простор во одбрана на Израел за време на иранскиот беспилотен и ракетен напад.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ