Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Нападната база на проиранските милиции во Ирак, САД и Израел негираат вмешаност

20 април 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Серија експлозии го разнеле штабот на Народниот фронт за мобилизација (ПМФ) на 50 километри јужно од ирачкиот главен град Багдад, само неколку часа откако припадници на проиранските милиции лансирале беспилотни летала кон израелската воздухопловна база во близина на Елиат.

Според првичните информации што ги објавија медиумите во Ирак, најмалку еден член на Народниот фронт за мобилизација, проиранска милиција која е дел од ирачките вооружени сили, е убиен, а десетина биле ранети во нападот на неидентификувани авиони врз базата во близина на Багдад.

ПМФ веднаш ги обвини Американците за нападот, кои исто толку брзо одговорија дека „коалициските сили во Ирак немаат никаква врска со оваа акција“.

И израелските власти негираат дека стојат за нападот, но офицери на ирачките воздухопловни сили изјавиле дека авионот, кој истрела проектили врз базата на проиранската милиција, најверојатно летал од правец на Јордан.

Израел вчера изврши напад на иранска територија, неколку дена откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили кои главно беа пресретнати и уништени.

Техеран, пак, објави дека воената база во Исфахан била нападната со беспилотни летала лансирани од локација во Иран, поради што нема намера да изврши нов одмазднички напад против Израел.

САД, кои се обидуваат да ги убедат двете страни да го запрат бранот одмазднички напади, по израелската акција во Иран, оценија дека таквите операции завршиле. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ