Премиерот Христијан Мицкоски денеска испрати порака до граѓаните за единство и смиреност, да не паѓаат на провокации нагласувајќи дека доста беа поделби.
Тој кажа дека случувањата поврзани со знамињата нема да влијаат туку дополнително ќе ја зајакнат врската во Владата и со граѓаните.
– Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје реагираа многу трезвено на тоа без да се ескалира тоа, без да настанат инциденти, а сите оние сторители на кривично дело согласно членот 319 од Кривичниот законик веднаш беа лишени од слобода, извадени пред јавен обвинител и од сега па натаму е веќе судски процес на кој ние како Влада не можеме да влијаеме. Но, исто така предупредувам дека тој член 319 од Кривичниот законик се однесува не само за државното знаме, туку и за знамиња на други држави. Затоа повикувам на смиреност, да не бидеме жртви на провокација – рече Мицкоски кој беше во посета на неколку населени места во Тетовско.
Мораме да бидеме зрели и свесни, додаде тој, дека вакви работи ќе се случуваат затоа што, како што кажа „овие луѓе се исплашени за милионите кои ги спечалија на грбот на обичниот народ и сега знаат дека доаѓа време за правда, правдата е бавна но таа доаѓа“.
– Мојата порака до граѓаните без разлика од етничката припадност и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, и Власи, и Роми, и Бошњаци, сите… е да не наседнуваме на овие луѓе, да не наседнуваме бидејќи тие за неколку месеци од денеска ќе бидат и фактички минато на политичката сцена, ќе бидат поразени на локалните избори и со тоа трајно ќе заминат од политичката сцена. Затоа да не наседнуваат на таков тип на провокации. За жал ќе има таков тип на провокации, но ги молам од мое име од името на Владата да ги отфлат како туѓо тело – рече Мицкоски.
Според него, последните настани со знамињата не само што нема да влијае, туку дополнително ја зајакнува врската во рамките на Владата, но и на Владата со граѓаните.
– Знам дека постои една изолирана политичка група која изминативе пет, сега веќе шести месец тешко се навикнува после повеќе од две децении во власта да биде во опозиција, но она кое што нив ги вознемирува е фактот дека можеби правдата е спора, но полека се доближува до нив. Тие се свесни што правеа овие две децении и бидејќи знаат што правеа, стануваат уплашени и единствената алатка која што им останува на располагање е токму кое што вие го споменавте, раздорот, обидот за прадизвикување меѓуетнички тензии, итн. Тоа нема да го дозволиме – потенцира Мицкоски.
Премиерот кажа дека е во интензивна комуникација со нашите стратешки партнери, со членовите на Владата, со други групи и со граѓани.
– Еве денеска сум во Јегуновце, продолжуваме понатаму и во Тетово, и во Теарце денеска. Сакам да испратам порака на единство, доста беше поделби, сега кога имаме и суфицит во Буџетот, кога конечно се реализираат проекти, кога носиме странски инвеститори, кога се прават реформи, кога се зголемуваат пензии, плати итн, кога после многу квартали и години и тргнува на македонската економија. Јас сум свесен дека овие сеништа од минатото ќе сакаат да не вратат во минатото, нема да дозволиме. Отпорни сме на тоа, имаме стратегија и ќе се спротиставиме на тоа, затоа повикувам на смиреност, на единство – рече Мицкоски.
Ова, нагласи тој, е наша заедничка татковина, тука сме се родиле, тука сме се радувале, сме тагувале, и најверојатно најголемиот дел од нас и тука ќе го заврши нашиот живот.
– Затоа треба заеднички да се бориме за една модерна, просперитетна Македонија – рече Мицкоски.
Потсети дека предупредувал на вакви сценарија уште од пред неколку месеци и рече дека нема да биде ова последниот обид.
– Ќе има и други обиди за ексалација, за меѓуетнички тензии итн, дури и ова што се случуваше пред неколку дена од наша страна беше превенирано и антиципирано и беа предупредени сите релевантни фактори и нашите стратешки партнери – рече Мицкоски.
За барањето на ДУИ за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и рекациите на опозицијата рече дека работа е на опозицијата да поднесува интерпелација, но оти не гледа логика во тоа нивно барање.
– Јас апсолутно не гледам логика во тоа нивно барање бидејќи еден дел од опозицијата вели не постапувале, друг дел вика премногу жестоко постапувале. Навистина пораките од коалициската опозиција ДУИ- Левица- СДСМ се малку збунувачки. Понекогаш и се чудам кој ги пишува тие пораки. Да не некој им сместува ваков тип на пораки – рече Мицкоски.
<b>Меџити: ЌЕ ОДГОВАРААТ СИТЕ ШТО ГО ПРЕКРШИЛЕ ЗАКОНОТ</b>
За инцидентите што се случија на Денот на албанското знаме со палењето и сквернавењето на државното и албанското знаме ќе одговараат сите и нема да има компромис спрема ниту едно лицо кој го прекршил законот, истакна денеска во изјава за медиумите првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.
Меџити нагласи дека во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат.
– 28 ноември или отпочинувајќи од 22 ноември – Денот на албанската азбука беше прославено како никогаш досега, со свечен седница на Владата и други настани и прослави се до завршување со концертот на плоштадот Скендербег. Евидентно е дека во регионот има деструктивни сили кои сакаат да дестабилизираат како што е случајот во Митровица. За време на прославата сѐ течеше добро, но тоа не годеше на некои и за жал злоупотребија млади луѓе за да не биде се како што треба. Најодговорно како прв заменик премиер тврдам сите тие кои згрешиле по член 393 ќе одговараат. И тие кои запалија и сквернавеа државно знаме, и тие со албанското знаме во Прилеп, ќе добијат кривични пријави. Ќе се покрене дисциплинска постапка за полицаецот од Куманово кој место да држи ред и мир, се бави со знамињата што не е негова одговорност. Тоа е одговорност на општината или на јавното претпријатие кое ги поставува и ги отстранува знамињата, а во овој случај не беше така – рече тој посочувајќи дека Владата повикува да се смири ситуацијата, со ладни глави ќе постапат кон сите тие кои го прекршија законот.
Во однос на најавената иницијатива на ДУИ за интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, вицепремиерот рече дека треба да се остават институциите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај, како што кажа, ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација.
– Треба да оставиме на органите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација, се вработени во нивните претпријатија и ред други работи. Подобро е прво јавноста да се соочи со аргументите, фактите кој и како делувал во текот на прославата. Никој не е казнет зошто има прославено или уважил некое знаме, туку напротив сите ќе бидат казнети кои го прекршиле законот. Ќе оставиме на органите да ги дадат информациите, но случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до ДУИ, работат во нивните јавни претпријатија каде што се нивни директори и се сликани со нив – рече Меџити.