Со поклон и почит пред моштите на загинатите борци кои се во криптата на Могилата на непобедените во Прилеп, бројни делегации го означија чествувањето за празникот 11 Октомври – Денот на народното востание.
Според Рубинчо Белчески, претседателот на прилепскиот Сојуз на борци, тој победнички истрел кој се случил во Прилеп на 11 октомври 1941-та година не бил само симболичен чин. Тоа било автентично сведоштво на определбата на македонскиот народ да се истрае на Балканските ветришта и од почетокот на борбата до денот на победата- 9 мај во 1945 година, да биде на страната на антихитлеровската коалиција. Белчески испрати порака до новите генерации да се почитува историскиот влог на борците.
До новите генерации порачуваме да ја почитуваат државата, да ја почитуваме историјата, да ги почитуваме борците, бидејќи без минато нема иднина. Ако знаеме дека минатото дало многу жртви, и од тоа мора многу да учиме, а во иднината да ги применуваме позитивните аспекти од минатото, да ги паметиме и да не ги повториме грешките од минатото,<span> </span>изјави Белчески.
Владината делегација ја предводеше министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Тој рече дека нашата обврска е да ја одржуваме традицијата и да ги градиме добрососедските односи, зачувувајќи ја државата.
Денеска сме овде да ја зачуваме традицијата, да се потсетиме на минатото кое, практично е водилка и за иднината. Градиме единство, Македонија низ годините била кон непокор за да го има она што е денеска. Нашата обврска е да продолжиме да ја градиме традицијата, да ги одржуваме и сите добрососедски односи, но и нормално, да ја зачуваме нашата Република Македонија,<span> </span>изјави Трипуновски.
Според прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, Прилеп – градот херој гордо стои како споменик на непокорот, храброста и борбата за слобода.
Се навршија 83 години од почетокот на борбата против фашистичката окупација во Македонија го покажува духот на нашиот народ кој ни остава една традиција да се надградуваме, односно секогаш со сплотеност и сложност да можеме да се спротивставиме на сите предизвици кои ја затекнаа нашата Македонија. Со изразувањето спомен за минатото не прекинуваме, туку продолжуваме со нашите обврски за сегашноста и за иднината,<span> </span>рече Јовчески.
На чествувањето присуствуваа и гости од повеќе здруженија на Словенија, Хрватска и Србија, почитувачи на придобивките одпоранешната заедничка држава, СФРЈ нагласувајќи дека треба да продолжи соработката меѓу државите на Балканот.
Денеска дојдовме со вас да го увеличиме вашиот празник и да ве поздравиме. Ја пренесуваме заложбата за трајното наследство од минатите времиња, а тоа е борбата против фашизмот. Тука се претставници од Ју-центарот „Тито“ од Белград и антифашистите од Словенија. Ова ново време бара нови облици на соработка, но постојат и темелни вредности. Сметаме дека темелна вредност е антифашизмот. Без тоа нема напредок. А постојат повеќе облици за соработка – култура, технологија, стопанство преку кои мора да соработуваме,<span> </span>рече Мио Миљак, потпретседател на здружението „Јосип Броз Тито“ од Пула, Хрватска.
Прилеп во Народното востание дал 650 борци и 10 народни херои. Уште пет народни херои што ги дал градот починаа по Ослободувањето за што се подготвува проект во Алејата на народните херои за покрај 10-те бисти да се постават уште пет.