Италија ја испрати првата група мигранти во Албанија со брод на нејзината морнарица, изјави денеска извор близок до предметот за британската агенција Ројтерс, активирајќи го планот за обработка на илјадници баратели на азил во странство.
Владата на Џорџија Мелони изгради два прифатни центри во Албанија, што е прв таков договор со земја на ЕУ, која ги пренасочува мигрантите во земја која не е членка на ЕУ во обид да ги спречи илегалните пристигнувања.
Изворот, кој сакаше да остане анонимен, рече дека бродот Libra тргнал од близина на островот Лампедуза со неодреден број мигранти кои неодамна биле спасени на море. Тој рече дека сите мажи се од списокот на земји кои Италија ги смета за безбедни и дека ќе бидат предмет на забрзана гранична контрола.
Во моментов има 21 безбедна земја на списокот на Италија, кој неодамна беше зголемен од 15, вклучувајќи ги Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Тунис. Само од тие четири земји лани во Италија пристигнале 56.588 мигранти.
<b>Европскиот суд на правдата донесе одлука претходно овој месец</b>
Според условите на албанскиот договор, до 36.000 мигранти може да се испраќаат во Албанија секоја година, доколку доаѓаат од списокот на безбедни земји, што сериозно ја ограничува нивната можност да добијат азил.
Сепак, пресудата на Европскиот суд на правдата (ЕСП) претходно овој месец може да го наруши тоа, велат експертите, бидејќи ја ограничува дефиницијата за тоа што може да се смета за безбедна земја надвор од ЕУ. Одлучувајќи за посебен случај во кој е вклучена Чешката Република, судот рече дека земја надвор од блокот не може да се прогласи за безбедна освен ако целата нејзина територија не се смета за безбедна.
„Судот им кажа на владите дека можат да направат свои списоци на безбедни земји, но грешат што вклучуваат земји кои имаат небезбедни области“, рече Матео Вила, виш научен соработник во тинк-тенк ISPI.
„Доколку пресудата (овде) се примени, тешко дека некој би можел да биде испратен (во Албанија)“, рече тој, додавајќи дека одлуката на ЕСП може да ги загрози плановите на Рим само ако италијанските судии ја искористат за да ги отфрлат првичните барања за испраќање мигранти во Албанија. Италијанското Министерство за внатрешни работи одби да ја коментира пресудата на ЕСП.