Првите меѓувладини конференции за пристапување следеа по одлуката на Европскиот совет од декември минатата година и усвојувањето на преговарачката рамка минатата недела.
Преговорите прво ги отвори Украина, а веднаш потоа и Молдавија.
Европската страна на меѓувладината конференција ја претставуваа белгискиот министер за надворешни работи Хаџа Лахбиб и комесарот за проширување Оливер Вархеји.
„Ова е историски ден за Украина и за ЕУ. Преговорите што денеска ги отвораме ќе бидат строги и напорни“, рече белгиската министерка, додавајќи дека е убедена дека Украина со решителност и посветеност успешно ќе го заврши пристапниот процес.
„Иднината на Украина и нејзините граѓани и припаѓа на ЕУ“, рече таа.
Отворањето на преговорите го поздрави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Многу е добра вест што Европската унија денеска ги отвора пристапните преговори со Украина и Молдавија“, рече фон дер Лајен во видео пораката.
Советот на ЕУ ја повика Комисијата да продолжи да го анализира степенот на усогласеност на Украина и Молдавија со европските стандарди и да ги идентификува прашањата што најверојатно ќе се појават во преговорите, почнувајќи од основниот кластер поврзан со правдата и внатрешните работи, која според методологијата за преговарање е прва што се отвора, а последна затвора.
Белгиското претседавање со Советот на ЕУ успеа во намерата да ги отвори преговорите до крајот на својот мандат, а пред Унгарија да го преземе претседавањето./МИА