- Иако сите со нетрпение ги очекуваме резултатите, едно нешто ќе остане смирувачки без изненадувања: тоа е нашиот надворешнополитички компас, рече Штајнмаер на синоќешниот новогодишен прием за дипломатскиот кор во неговата официјална резиденција во Берлин, палатата Белви.
- И по претстојните избори во Бундестагот, столбовите на нашата надворешна политика ќе останат исти, нагласи тој.
Штајнмаер ја наведе посветеноста на Европа, трансатлантското партнерство со блиски односи со САД, ангажманот во Обединетите нации и одговорноста за Израел, пренесе ДПА.
- Германија е добро вмрежена земја со отворен ум. Од тоа живееме. И така треба да остане, се разбира, и по изборите, рече Штајнмаер.
Во однос на претстојната инаугурација на Доналд Трамп за претседател на САД, Штајнмаер рече дека во неговото повеќе од 30-годишно политичко искуство, секогаш имало „време на поголема блискост и дистанца меѓу Американците и Германците, времиња на договори и времиња на конфликти“.
- Сепак, во секое време беше вистинско: Се среќаваме со почит. Тоа е мојата надеж и очекување за следните четири години. Затоа што ќе си требаме и во иднина, рече Штајнмаер.
Без да го спомене Трамп по име, Штајнмаер се осврна и на неговото барање Германија да троши повеќе за одбраната. Тој рече дека Германија знае што му должи на НАТО и што должи НАТО: „повеќе инвестиции“ во својата „заедничка безбедност“ со своите партнери.
Околу 130 амбасадори и вршители на должноста дојдоа во дворецот Белви на синоќешниот прием, пренесувајќи му ги на Штајнмаер своите добри желби за Новата Година./МИА