Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Русија изврши масовен воздушен напад врз украинската енергетска инфраструктура

15 јануари 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

- Среде зима целта за Русите останува непроменета: нашето снабдување со енергија, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм.

Четириесет проектили и 70 дронови биле користени во комбиниран напад, информира тој, повикувајќи на зајакнување на украинската воздушна одбрана за да ги издржи таквите напади.

Западниот регион Лавов, кој често е поштеден од најлошите борби, беше силно погоден во текот на ноќта, пренесе ДПА.

- Има напади на две критични инфраструктурни локации во окрузите Дрохобич и Стриј, соопшти воениот гувернер на Лавов, Максим Козицки на Телеграм и додаде дека во рускиот напад со крстаречки ракети нема загинати ниту повредени.

Снабдувањето со електрична енергија во Лавов сè уште е во функција.

Нападнати се енергетските капацитети и во соседната Ивано-Франковска област. Силите за итна помош се на терен и ситуацијата е под контрола, изјави гувернерката Свитлана Онишчук.

Сепак, како што изјави министерот за енергетика, Герман Галушченко, по ракетниот напад беа воведени превентивни прекини на струја во регионите Харков, Суми, Полтава, Запорожје, Дњепропетровск и Кировохрад.

Степенот на штетите во тие региони засега е нејасен.

Според украинската воздушна одбрана, руската војска во нападот користела крстосувачки ракети, како и хиперсонични ракети Кинжал и други балистички ракети.

Руските борбени авиони, исто така, фрлиле таканаречени глајд-бомби над пограничните региони како што е Суми.

Русија систематски ги гаѓа енергетските капацитети во Украина како дел од нејзината инвазија која почна пред речиси три години. Околу половина од енергетскиот капацитет на Украина е уништен во војната./МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ