Има само еден пат за постигнување праведен мир и за Украина и за Европа, а тоа е да продолжиме да го зајакнуваме украинскиот отпор со политичка, финансиска и воена поддршка, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање пред Европарламентот во Стразбур за време на дебатата за приоритетите на унгарското претседателство со ЕУ.
- Минатиот месец во Киев објавив дека ќе обезбедиме до 35 милијарди евра заем за Украина, како дел од 50-те милијарди долари што ги вети Г7. Овој заем ќе биде исплатен од непланираните профити на замрзнатите руски средства и тие директно ќе се влеат во националниот буџет на Украина. Со ова ја тераме Русија да плати за штетата што ја предизвика и ќе ја поддржуваме Украина во текот на оваа зима онолку колку што ќе биде потребно, истакна Фон дер Лајен.
Таа се осврна на актуелната состојба во Украина, посочувајќи на зголемениот интензитет на руски напади, што резултираше со голем број загинати и ранети и уништувања на објекти и инфраструктура.
- Светот беше сведок на злосторствата на руската војна, а сепак, се уште има некои кои за оваа војна не го обвинуваат напаѓачот, туку нападнатиот... Ние Европејците можеби имаме различни истории и различни јазици, но не постои европски јазик во кој мирот е синоним за предавање, а суверенитетот синоним за окупација. Народот на Украина се бори за слобода, исто како хероите кои ја ослободија Централна и Источна Европа од советската власт, потенцира претседателката на ЕК.
Говорејќи за останатите приоритети на унгарското претседателство, покрај Украина, Фон дер Лајен порача дека во рамки на напорите за зајакнување на конкурентноста, ЕУ мора да се посвети на намалување на инвестицискиот јас меѓу неа и другите големи економии и на бариерите кои го ограничуваат ширењето на компаниите надвор од европскиот пазар.
- Но, она што исто така го гледаме, е дека една влада во нашата Унија оди во сосема спротивна насока, оддалечувајќи се од единствениот пазар. Како може една Влада да привлече повеќе европски инвестиции, ако во исто време ги дискриминира европските компании со тоа што ги оданочува повеќе од другите? Како може да привлече повеќе компании ако во исто време преку ноќ воведува извозни ограничувања? И како може европските бизниси да ѝ веруваат на Влада ако таа ги таргетира со произволни инспекции, им ги блокира дозволите и ако јавните договори главно одат на мала група корисници?, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека ваквите политики на унгарската Влада само создаваат несигурност и ја поткопуваат довербата на инвеститорите, во време кога нејзините соседи од Централна Европа ја надминаа Унгарија по висината на БДП по глава на жител.
- Унгарија е во срцето на Европа, а треба да биде и во срцето на нашата економија. Унгарскиот народ треба да ги ужива сите придобивки од нашиот единствен пазар, нагласи Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК се осврна и на потребата од диверзификација на изворите на енергенси и потребата од прекин на зависноста од, како што рече, „валканите руски фосилни горива“.
- Изградивме инфраструктура и нови врски со доверливи партнери. Во првата половина од годината, 50 отсто од целото наше производство на електрична енергија дојде од домашни обновливи извори, од нашата сопствена енергија, што создаде нови работни места во Европа, а не во Русија, истакна Фон дер Лајен.
Сепак, според неа, некои земји членки на ги спроведоа договорените обврски во оваа сфера. а една земја членка „наместо да бара алтернативни извори, бараше алтернативни начини за купување фосилни горива од Русија“.
- Русија постојано докажува дека едноставно не е сигурен снабдувач. Повеќе не може да има изговори. Кој сака европска енергетска безбедност, прво и основно треба да придонесе за неа. Тоа е правилото што треба да го следиме, нагласи таа.
Во врска со проблемот со миграцијата, претседателката на Еврокомисијата истакна дека тој претставува „европски предизвик, кој бара европски одговор“ и затоа мора де биде спроведен Новиот пакт за миграција и азил на ЕУ.
- Сите сакаме подобро да ги заштитиме нашите надворешни граници. Но, ќе бидеме успешни само ако работиме заедно против организираниот криминал и покажеме солидарност меѓу себе. И кога зборуваме за тоа кого да пуштиме внатре: како може унгарската Влада да поканува руски државјани во нашата Унија без дополнителни безбедносни проверки? Со ова, новата унгарска визна шема создава безбедносен ризик, не само за Унгарија, туку и за сите земји членки. И како може унгарската Влада да дозволи кинеската полиција да дејствува на нејзина територија? Тоа не е одбрана на суверенитетот на Европа. Тоа е создавање можност за странско мешање на мала врата, потенцира Фон дер Лајен, додавајќи дека е потребно зајакнување на Фронтекс и Европол, финализирање на законодавството на ЕУ за борба против шверцот на луѓе и целосна имплементација на Пактот за миграција и азил.
Фон дер Лајен му се обрати и на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој беше присутен на дебатата, во врска со неговите изјави за миграцијата дадени претходниов викендот.
- Рековте дека Унгарија ги „штити своите граници“ и дека „криминалците се затворени“ во Унгарија. Само се прашувам, како оваа изјава се вклопува со фактот дека минатата година вашите власти пред време од затвор ослободија осудени шверцери на луѓе. Ова не е борба против илегалната миграција во Европа. Ова не ја штити нашата Унија. Ова е само префрлање на проблемот преку оградата на вашиот сосед, потенцира Фон дер Лајен.
Таа потсети и на изјавата на Орбан дадена за време на првото претседавање на Унгарија со ЕУ во 2011 година дека неговата земја „ќе ги следи стапките на револуционерите од 1956 година и има намера да и служи на каузата на европското единство“, бидејќи „Европа мора да остане обединета за да опстои на своето“.
- Мислам дека сите се согласуваме. Европа мора да биде обединета. Ова беше вистина тогаш. Но, ова важи и денес. Така, дозволете ми да завршам со обраќање до унгарскиот народ. Ние сме едно семејство. Вашата приказна е и наша приказна. Вашата иднина е и наша иднина. Десет милиони Унгарци се 10 милиони добри причини да продолжиме да ја обликуваме нашата иднина заедно. Ви благодарам и да живее Европа, нагласи Фон дер Лајен на крајот од обраќањето пред европратениците.