Австрискиот весник „Кроне“, повикувајќи се на воени извори, објави дека денеска ќе биде потпишано писмо за намери со италијанското Министерство за одбрана за купување на авиони произведени од италијанската компанија Леонардо.
Во моментов се преговара за договор со италијанската влада, соопшти австриското Министерство за одбрана, потврдувајќи дека има намера да ги купи авионите. Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека договорот ја покажува силата на соработката меѓу Италија и Австрија.
„Моја посебна благодарност упатувам до (италијанската) премиерка Џорџија Мелони, која даде значаен придонес во склучувањето на овој договор“, рече Нехамер во соопштението за печатот. Вкупната цена на авионите се уште не е одредена, но за нив се буџетирани околу една милијарда евра, објави весникот.
Авионите ќе се користат за обука на пилоти и поддршка на копнените сили и воздушната одбрана, соопшти владата.