Обвинителството се откажа од кривично гонење на внукот на претседателот на ДУИ, Дрин Ахмети, во врска со пиротехничките средства кои му беа одземени вечерта на 30 декември 2023 година, во неговиот автомобил „Ренџ ровер“ со албански регистарски ознаки, за време на полициска контрола во Скопје.
Од обвинителството велат дека според извештајот, огнометот кој е пронајден и одземен, не е во големи количини што може да поведе кривично гонење и евентуална кривична одговорност, додека во прилог на тоа оди и фактот што министерството за внатрешни работи како релевантен орган за инцидентот поднел известување, а не кривична пријава до обвинителството.
“Во текот на постапката беше утврдено дека не се исполнети законските обележја на кривичното дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од чл.396 од КЗ, ниту пак на било кое друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност“, велат од ОЈО.
Сепак, за Дрин Ахмети продолжува уште една истрага.
Поточно, за случајот со кој и стана познат на јавноста во 2023 година, откако беше обелоденето дека е сопственик на 39 отсто од акциите на Т.Ц „Соравија“ во Скопје.
И покрај тоа што цената на акциите чини неколку милиони евра, Дрин Ахмети на јавноста и објасни дека овие акции ги добил без да вложи ни денар.
Неговото појаснување беше дека заедно со неговиот деловен партнер од Албанија, Владимир Пјетер Ѓока, ја купиле Соравија преку кредитна линија врз основа на бизнис идеја, која банката му ја доверила.
Обвинителството продолжува да го истражува овој случај.
Извор: <a href="https://24.mk/details/obvinitelstvoto-nema-da-go-goni-vnukot-na-pretsedatelot-na-dui-akhmeti">24.мк</a>
Фото: <span style="background-color: rgb(168, 214, 255);">Скопје1</span>