Руски државјанин, кој на почетокот на годинава беше осуден за палење примерок од муслиманската света книга Куран, е осуден на дополнителни 14 години затвор поради предавство.
Никита Журавел е осуден на 14 години затвор во рускиот град Волгоград, јави руска државна новинска агенција, повикувајќи се на судски документи.
Според агенцијата, Окружниот суд во Волгоград му дозволил на осудениот да поднесе жалба на пресудата.
Руското државно обвинителство минатиот месец објави дека регионалната канцеларија во Волгоград го одобрила обвинението за случајот Журавел.
Според истражителите, Журавел ги понудил своите услуги на претставник на украинската служба за безбедност, се вели во соопштението.
„Во март 2023 година, Журавел (на украински претставник) испрати видео снимка од воз што превезува воена опрема на руските вооружени сили, воени авиони, како и податоци за движење на службено возило на една од воените единици“, се додава во соопштението.
Во февруари оваа година, Журавел беше осуден на три и пол години затвор, откако беше приведен во мај 2023 година за палење копија од Куранот пред џамија во Волгоград.