Погледнете зошто ова видео стана едно од најпопуларните видеа на социјалните мрежи објавено од непозната личност.
Животот во долината Сан Габриел во Калифорнија често носи неочекувани средби со дивиот свет. Во потрагата по храна, тие се спуштаат во населените места, пребаруваат низ кантите за ѓубре или се разладуваат во базените. Повеќето луѓе бегаат од дивите ѕверови, но не Хејли Моринико (17) .
Таа била сама дома со своите кучиња кога слушнала лаење во дворот. Ја отворила задната врата и видела мечка со младенчиња на нејзината бетонска ограда. На видеото, нејзините кучиња лаат и јурнуваат кон дивото животно. Наместо да се исплаши, мечката бесно замавнува со шепата и го зграпчува најмалото куче од расата јоркширски териер по име Валентина. Во тој момент, бесната Хејли се стрчуваа кон мечката, која го испушта кучето и паѓа од другата страна на оградата. Хејли потоа ги собира кучињата и најбргу што може бега дома. Во меѓувреме, мечката се враќа и повторно почнува да се качува на оградата.
Сето ова го снимиле безбедносните камери на домот, а снимката се нашла на социјалните мрежи. Само на Тикток, овој видеозапис имаше повеќе од 17 милиони прегледи, а Хејли стана ѕвезда.
Во интервју за новинарите на Си-Ен-Ен, таа признала дека не размислувала многу кога му пришла на ѕверот.
- Сакав само да ѝ помогнам на Валентина, таа е мое куче и му значи многу на моето семејство. Кога дотрчав до мечката и се најдов очи во очи со неа, сфатив дека морам да направам нешто, па ја турнав. Не беше силно, но беше доволно да ја изгуби рамнотежата и да падне од ѕидот - изјавила Хејли.
Таа признава дека била изненадена од сопственото однесување кога го погледнала видеото, но во тој момент не размислувала за опасноста од дивиот ѕвер, туку само на тоа да го заштити своето куче.
- Валентина, за среќа, не е повредена. Се здобив со полесна повреда на прстот кога ја турнав мечката, но сè друго е во ред. Не ни знаев дека можам да трчам толку брзо - изјавила таа со насмевка, држејќи ја Валентина во рацете.
Многумина коментираа дека не знаеле дали ова е храбар или глупав чин, но секако не е паметно да се спротивставиш на дивиот ѕвер на овој начин.