„Епл“ се согласи да плати 95 милиони долари за да ја реши колективната тужба во која се обвинува дека тајно ги снимала приватните разговори на корисниците со својот гласовен асистент Сири.
Овие „случајни“ активирања предизвикаа бурни реакции, при што корисниците беа особено вознемирени кога забележаа насочени реклами поврзани со темите за штотуку разговарале.
Обвинителите тврдат дека случаите на ненамерно активирање на Сири се евидентирани од 2014 година, кога за прв пат беше воведена функцијата „Hey Siri“. Сири често се вклучуваше и почнуваше да снима без јасна команда, што главно се активираше со подигнување на Apple Watch или со препознавање на говор во позадина.
Особено вознемирувачки се тврдењата дека на снимките имало приватни разговори меѓу лекари и пациенти, деловни зделки, па дури и можни криминални активности. Податоците како локација, контакти и апликации дополнително ја зголемија загриженоста на корисниците.
Судските документи наведуваат дека сите корисници кои купиле Сири уреди помеѓу 2014 и 2024 година ќе имаат право на надомест до 20 долари по уред, со најмногу пет уреди по корисник.
Уредите кои се квалификуваат вклучуваат iPhone, iPad, Apple Watch, MacBook, HomePod и повеќе. Одлуката за одобрување на спогодбата се очекува на 14 февруари.
Додека многумина сметаат дека спогодбата носи одредена правда, некои веруваат дека Apple „евтино“ помина. Според Законот за прислушување, компанијата можеше да се соочи со казни од над 1,5 милијарди долари. Адвокатите на корисниците решија да се спогодат со цел да се избегнат неизвесности поврзани со понатамошни судски спорови, но нагласија дека проценетата штета е значително поголема.
Случајот покренува пошироки прашања за приватноста во дигиталната ера, при што се појавија слични тужби против други технолошки компании. Google, на пример, во моментов се соочува со слична тужба за својот гласовен асистент, што покажува дека податоците на корисниците се повеќе се предмет на злоупотреба во технолошката индустрија.
<b>Колку навистина се безбедни нашите приватни разговори во светот на паметните уреди? Ова прашање останува отворено додека технолошките гиганти се справуваат со последиците од нивните постапки.</b>