<b>Преподобниот Наум Охридски- Чудотворец има два празника, едниот е во зимскиот период и се празнува денеска, на 5 јануари (23 декември по старо), а другиот во летниот период 3 јули (20 јуни по стар календар). Денес именден празнуваат: Наум, Наумче, Науме, Наумка…</b>
Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) денес го одбележува споменот на преподобниот и голем отец, македонскиот светител Наум Охридски Чудотворец, кој творел во втората половина на деветтиот и во почетокот на десеттиот век, заедно со Свети Климент Охридски, со кого биле најплодните ученици на сесловенските просветители и учители, рамноапостолните велики солунски браќа, Светите Кирил и Методиј. Заради својата богата црковна и просветителска дејност кон крајот на десеттиот век Свети Климент и Свети Наум биле канонизирани и признаени од целата Христијанска црква за светители и наши застапници и молитвеници пред лицето Божјо.
МПЦ–ОА за свои патрони и молитвени застапници ги има токму Светите охридски исцелители и чудотворци Климент и Наум. Свети Наум бил почитуван уште за време на животот, а особено по повлекувањето во манастирот крај Oхридско Eзеро и пештерите во близина, како добродетелен и свет подвижник и чудотворец. Бил мудар учител, боговдахновен раководител на монасите, строг подвижник, чудотворен молитвеник и духовник. Правел многу чуда за време на животот и по смртта. Од неговите чудотворни мошти се случувале и денес сѐ уште се случуваат многубројни чуда и исцеленија од тешки болести. Многумина болни, не само православни туку и луѓе од друга вера, и ден–денес доаѓаат на неговиот гроб.Светите браќа Кирил и Методиј, заедно со своите најблиски соработници: Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј го превеле Светото писмо – Стариот и Новиот завет, како и Литургијата на Свети Јован Златоуст од грчки на словенски – македонски јазик, за оваа цел ја создале глаголицата, јасно го предавале словенскиот збор со букви и со изразни зборови какви што пронашле.
На овој начин ѝ дале на својата мисија цврста основа во писмо и книги. Пред да ги објават тие корисни и божји дела (меѓу нив и тие книги) меѓу тамошните народи, околу 869 година, во Рим, тие ги претставиле пред Вселенската црква, пред архијерејот, големиот Адријан Втори (867-72), кој торжествено ги прославил овие светители. Свети Наум, иако помлад од сопатниците, им бил еднаков на своите сотрудници во апостолската ревност и во чудотворната сила, како и во ученоста и во познавањето на многу јазици. Кога влегле во Рим, Господ, преку нив, покажал натприродни чуда: многу слепи прогледале, мнозина свиени се исправиле, глуви и неми проговориле и прослушале, куци прооделе и други се очистиле од нечистите духови и се исцелиле од разновидни болести. Од тие чуда и од други божји откровенија, кога архијерејот сфатил дека се од Бога дела, ги замолил Светите да му ги покажат книгите што ги превеле. Штом му ги донеле книгите, Адријан Втори ги проверил истите тие, ги прогласил за веродостојни и дека се погодни за евангелизација на словенскиот народ.
Светите Климент и Наум го поткрепиле делото на своите учители Кирил и Методиј поставувајќи цврст темел на православната словенска црква и на православната словенска култура во Македонија, како и во другите православни земји: Бугарија, Србија, Русија итн. Со христијанското словенско училиште и просвета, со подготвувањето свештеници и други клирици образовани на словенски јазик, со воведувањето и ширењето на словенскиот јазик во сите богослужби и во целата просвета, од црквите во Македонија го отстраниле паганството, како и грчкото и латинското влијание. Во секоја парохија при Светиклиментовиот универзитет дејствувале по триста одбрани ученици, а нивниот вкупен број изнесувал три илјади и петстотини, од кои минимум околу половина биле поучувани од словото на Свети Наум. Во Охридскиот книжевен центар, Свети Наум работел седум години. Ова училиште со право се смета за прв универзитет во Европа. Сиот овој труд дал обилни плодови уште во тоа време. Во 900 година, Свети Наум на брегот на Охридско Езеро изградил манастир посветен на светиот архангел Михаил и сите свети небесни и бестелесни сили, кои го осветил епископот Климент. Со повлекувањето во манастирот, каде што поживеал во големи подвизи, се вградил во темелите на монаштвото во Македонија. Се собрале мноштво монаси од цел Балкан, кои, примарно, препишувале стари ракописи, постојано му служеле на Бога и се молеле за новопросветениот народ. И откако направил сè што Му е благоугодно на Бог, Наум починал таму во длабока старост и Му ја предал својата душа на Бог на 23 декември 910 година. Чесното негово тело било положено во гробот, во десното крило на храмот, од Христовиот архијереј Климент Охридски, кој се упокоил шест години подоцна.
Манастирот што тој го основал станал познат меѓу народот како манастир на Свети Наум. Таму почиваат неговите свети мошти и, како што сведочат народот и верниците, „со силата на Христовата благодат лекуваат душевни слабости и болести“.