Врвните македонски спортисти кои досега рекламираа казина
или обложувалници ставаат крај на ваквата соработка.
Ова на денешната прес-конференција го откри министерот за
спорт Борко Ристовски одговарајќи на новинарско прашање.
-Немаме ништо против било која компанија да финансира клуб
или федерација. Но, не сакаме истакнатите спортисти како личности да се
истакнуваат во реклами за казина, за кладилници и брзи кредити. Нашата замерка
е во таа насока, вели Ристовски.
Министерот откри дека веќе имале разговори со сите
спортитсти кои ги рекламираат овие компании.
-Направивме еден џентлменски договор дека Горан Пандев
повеќе нема да рекламира спортска кладилница, Иџе повеќе нема да рекламира, на
Кире Лазаров му заврши договорот со компанијата и нема да го продолжи. Мислам
дека многу набрзо овие личности ќе ги видите од другата страна, како
промовираат вистински вредности, нагласи Ристовски.
Министерот за спорт на денешната прес-конференција даде
отчет за сработеното во изминатите 100 дена и ги најави проектите на кои ќе
работат во наредниот период.