Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Во Франција митинзи за поддршка на Жизел Пелико и жртвите на силување

14 септември 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Феминистичките здруженија организираа околу 30 митинзи во повеќе француски градови. На Плоштадот на Републиката беа истакнати транспаренти на кои пишуваше „Поддршка за Жизел“ и „Жртви, Ви веруваме“.

Доминик Пелико (71) е обвинет за повеќекратно силување и повикување непознати мажи преку интернет да ја силуваат неговата сопруга, додека таа била под дејство на силна дрога. Тој ги снимал силувањата. Злосторствата биле извршени во домот на сопружниците во Авињон и траеле речиси 10 години. Тој неделава требаше да даде исказ во судот, но рочиштето беше одложено поради здравствени проблеми.

Полицијата успеала да идентификува само 50 осомничени од 83 мажи кои се појавуваат на видеата на Доминк Пеликот. Тие се на возраст од 26 до 68 години, а меѓу нив има и пожарникари, фармацевти, работници и новинари. Голем број од нив имаат сопруги и деца. Само 15 од нив признале силување, додека другите тврдат дека учествувале во сексуални дејствија. Дел од насилниците изјавиле дека мислеле оти жената се преправала дека спие.

Доминик Пелико се изјаснил за виновен. На секој од обвинетите му се заканува затворска казна до 20 години.

Жизел Пелико дозволи судскиот процес да биде отворен за јавноста, но побара кога ќе бидат емитувани снимките од силувањата нејзините деца да можат да ја напуштат судницата. Нејзиниот правен тим изјави дека целта на отвореното судење за јавноста ќе биде „да се врати срамот на обвинетите“.

Селин Пикес од феминистичката организација „Осмели се со феминизам“ (Osez le Féminisme) се надева дека поради тоа што обвинетите се со различни професии судскиот процес ќе има траен ефект.

- Го уништува митот за силувачот дека е психопат … силувале затоа што биле сигурни дека нема да бидат казнети, посочи Пикес.

Таа додаде дека треба да се истакне оти и многу други мажи знаеле и ништо не направиле.

- Ниту еден од нив никогаш не крена телефон и да го запре ова злоупотребување. Ниту еден човек не помислил да ја извести полицијата, истакна Пикес. /МИА

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ