Според чешките и полските метеоролози, во некои области на нивните земји може да наврнат и до 400 литри дожд на метар квадратен во следните четири дена, а во Австрија и Словачка околу 200 литри.
Културните манифестации закажани за викендов се откажани во тие четири земји поради најавеното поминување на циклонот. Се испразнија каналите за прием на вода, пред сѐ кај браните, за да можат да примат толку многу вода.
Во Полска се објавени метеоролошки аларми за југот на земјата, пред сѐ градовите на Одра како Вроцлав и Ополе.
„Постои реален ризик од локални поплави во петок и недела“, предупредија полските метеоролози. Во Вроцлав, кој има 675.000 жители, општината формираше кризен штаб.
Според чешкиот министер за животна средина Петар Хладик, ситуацијата во земјата „може да биде слична на онаа од 1997 и 2002 година“.
Поплавите од 1997 година ја погодија Моравија, на истокот на Чешка. Загинаа 50 луѓе, а имаше неколку милијарди американски долари штета. Токму во тој регион и овој пат се очекуваат најлоши врнежи.
Во 2002 година, поплавите го погодија западниот дел на земјата, однесоа 17 животи и предизвикаа уште поголема штета отколку во 1997 година.
A massive rainfall event is looking increasingly likely for parts of central Europe over the next few days. The reason: a slow-moving cut off upper low fueled by anomalously warm waters of the Mediterranean Sea. If anything near that verifies, catastrophic flooding is likely. pic.twitter.com/Fjc3IRTzol
— Nahel Belgherze (@WxNB_) September 10, 2024
Градовите во Моравија подигнаа бариери за поплави и подготвија вреќи со песок во пресрет на невремето, кое ќе биде придружено со ветрови до 100 километри на час.
Откажани се десетици културни настани во регионот, вклучувајќи го и годишниот фестивал на виното во Знојмо, кој привлекува десетици илјади посетители.
Откажан е и римскиот фестивал во Карнунтум во Австрија.
Според австриската телевизија ORF, нивото на водата на Дунав би можело да се искачи на нивоа што не се забележани последните пет до десет години.
Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека армијата е подготвена да распореди и до илјада војници доколку биде потребно. Во состојба на готовност се и словачката армија и доброволните пожарникари.
Врнежите би можеле да бидат поголеми од оние што ја погодија Централна Европа во 2013 година, кои тогаш се сметаа за најлоши во последните илјада години, предупредува словачката метеоролошка служба imeteo.sk.
Со движењето на студениот бран над Европа кон исток, на Кредарица во Словенија падна првиот снег.
Невремето предизвика најмногу проблеми на словенечкото крајбрежје. Во словенечка Истра за само неколку часа наврна повеќе дожд отколку што обично паѓа во текот на целото лето.