Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Тројно е зголемено количеството марихуана што се шверцува преку аеродромите во Британија

29 август 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Количината на запленет канабис на британските аеродроми се зголемила за тројно за помалку од една година, а причина за тоа би можело да биде значително зголеменото производство во земјите каде што оваа дрога е легализирана, соопшти денеска Националната агенција за криминал (NCA) во Велика Британија.

Досега оваа година на аеродромите се откриени 15 тони канабис, додека таа количина во цела минатата година изнесувала пет тони, соопштија официјални лица, според Гардијан.

Од почетокот на 2024 година во таа прилика се уапсени 378 осомничени, додека една година претходно тој број изнесувал 136.

Причината за ова зголемување би можело да биде значително зголеменото производство на оваа дрога во земјите каде што е легализиран, како и шансата за поголем профит на британскиот пазар.

Властите на аеродромите сѐ почесто ги запираат патниците кои шверцуваат големи количини канабис во куфери, па неодамна во Манчестер шпански државјанин кој допатувал од Лос Анџелес бил спречен да внесе осум куфери во кои имало вкупно 158 килограми канабис.

Тој во јули бил осуден на три години и четири месеци затвор.

Уште една голема заплена се случила на аеродромот во Бирмингем на почетокот на август кога биле конфискувани 510 килограми дрога и биле уапсени 11 патници кои пристигнале од Тајланд преку Париз.

Околу половина од уапсените за шверц на канабис годинава се од Тајланд (184), од нив 75 од Канада и 47 од САД.

Според некои извештаи, на голем број курири им се исплаќаат и до 10.000 фунти за испорака на дрога, но се погрешно информирани дека доколку бидат фатени, ќе се соочат само со парична казна.

Максималната казна за внесување канабис во Англија е до 14 години затвор.

Генералниот директор на NCA, Џејмс Бебиџ, вели дека не е познато дали „мулите“ секогаш се свесни за ризиците и потенцијалните казни, но дека во повеќето случаи работат за организирани, криминални банди.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ