Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Страшно невреме опустоши делови од Франција, невидено во последните 40 години (ВИДЕО)

18 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

По обилните дождови што вчера го зафатија југоисточниот дел на Франција, десет француски департмани денеска остануваат под портокалово предупредување за дождови и поплави, а премиерот Мишел Барние најави активирање на процесот на природна катастрофа во загрозените подрачја.

Најпогодена е областа Ардеш, каде во рок од 48 часа паднале повеќе од 600 милиметри дожд на квадратен метар, но од катастрофата биле погодени и областите на Приморските Алпи, Атлантските Пиринеи и Севените.

Барние рече дека 2.300 интервенции на спасувачките служби овозможиле да се спасат многу животи, пренесува телевизијата БФМ.

„Во изминатите 40 години во Франција не се забележани врнежи од ваков размер“, посочи тој во обраќањето пред медиумите во Оперативниот центар за меѓуресорско управување со кризи на МВР.

Барние истакна дека сега приоритет е воспоставувањето на патниот и железничкиот сообраќај меѓу Сент Етјен и Лион.

Тој рече и дека сега доаѓа проценката за причинетата штета која, како што истакна, е голема.

Тој најави и спроведување на процесот на елементарни непогоди во погодените општини со што ранливите жители ќе добијат отштета.

Тој испрати порака за солидарност и поддршка до сите погодени сонародници и спасувачките служби и предупреди дека, со климатските промени, сите мора да се подготват да се соочат со ризици и катастрофи во сите области и почесто, нагласувајќи дека „превенцијата е поевтина од елиминирањето на штетите“.

Според Барние, Министерството за внатрешни работи активирало нова услуга, наречена FR-Alert, која овозможува испраќање СМС пораки со предупредувачки сигнал до сите жители на ризичните подрачја.

„Овие превентивни системи ќе ни овозможат да го избегнеме најлошото сценарио. Ќе останеме будни“, заклучил тој.

Француската метеоролошка служба денеска укина четири црвени предупредувања за дожд и поплави - во областите Рона, Лоара, Горна Лоара и Лозер - додека југоисточниот дел на земјата и понатаму е под портокалова тревога.

Дождот се уште врне над Приморските Алпи, понекаде пропратен со невреме, а ќе продолжи да врне и над југозападните делови од земјата, на места во големи количини, соопшти Метеоролошката служба.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ