Шолц најави дека до крајот на декември ќе се реализира испорака на оружје во вредност од 650 милиони евра за поддршка на украинската одбрана.
- Сакам да биде јасно дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа, изјави Шолц, кој допатува до Киев со специјален воз.
Канцеларот истакна дека посетата е знак на солидарност со Украина, која „херојски се брани од безмилосната руска агресија повеќе од 1000 дена“.
- Украина може да смета на Германија. Ние го зборуваме она што го правиме и го правиме она што го зборуваме, додаде тој.
Ова е трета посета на Шолц во Украина, но втора по почетокот на руската инвазија. Тој првпат ја посети земјата во февруари 2022 година, непосредно пред почетокот на инвазијата, а потоа повторно во јуни истата година заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и тогашниот италијански премиер Марио Драги.
Исто така, вчера во Киев пристигнаа и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас и еврокомесарот за проширување Марта Кос, на својата прва посета од почетокот на нивниот мандат. /МИА