Ријад Хиџаб, поранешниот сириски премиер е едно од имињата кандидати за шеф на преодната влада на Сирија, пишува францускиот весник „Фигаро“ повикувајќи се на добро упатени извори.
Toj кратко беше на чело на Владата на Сирија од јуни до август 2012 година, на почетокот на бунтот против претседателот Башар ал-Асад, пред да побегне во Јордан за да се приклучи на опозицијата.
Ова доаѓа по последните случувања во оваа земја, и падот на претседателот Башар ал Асад, кој заедно со семејството добиле азил во Русија лично од Путин, поради како што се наведува „хуманитарни причини“.
Од Кремљ додаваат дека лидерите на сириската опозиција дале гаранции за руските воени бази во Хмеим и Тартус, како и за руските дипломатски претставништва во земјата.
При азилот, во гаражата на семејната вила, останале 40-тина луксузни автомобили чија вредност има вртоглави суми.
А како беше дочекан падот на Ал Асад низ Сирија и светот?
„Да живее Сирија, Асад падна“ .. (атмосфера). Вака Сиријците го прославија падот на претседателот Башар ал Асад. Освен во сириската држава, крајот на режимот на претседателот ал Асад со радост беше пречекан ширум светот.
Стотици Сиријци во Берлин, Стокхолм, Лондон и Даблин излегоа на главните улици да го прослават завршување на диктатурата на Ал Асад, веејќи знамиња на сириската опозиција во зелена, црвена, црна и бела боја. (АТМОСФЕРА)
„Го поздравуваме секој слободен граѓанин. Нашата радост е навистина голема. Среќни сме што Асад веќе го нема“
„Крени ја главата горе, ти си слободен Сириец. Не можам да поверувам дека овој кошмар е конечно завршен.“
„Денеска е прв ден на нашата слобода“ „Премногу сме среќни. Сега сме слободни“
Сириските бунтовници од исламистичката милитантна група Хаџат Тахрир ал-Шам кои од вчера ја презедоа контролата врз главниот град Дамаск, упаднале во затворите и безбедносните објекти за да ги ослободат политичките затвореници и многу од десетиците илјади луѓе кои исчезнаа од почетокот на конфликтот во 2011.
Досега, според информациите од Сирија, ослободени се десетици илјади затвореници од градовите Алепо, Хомс, Хама и Дамакс.
Инаку, на чело на сириските милитанти кои го соборија Асад е Мохамед ал Голани, со години непознат милитантски водач, а од денеска најпознат бунтовник во Сирија.
Со години се борел во редовите на Ал-Каеда во Ирак, а поминал и пет години во американски затвор. Во 2013 година бил прогласен за терорист од САД, што според него не било праведно, кажувајќи дека се противи на убивањето на невини луѓе.
По последните случувања во Сирија, најавено е дека Советот за безбедност на ОН ќе заседава зад затворени врати додека светските и регионалните сили повикуваат на стабилност во блискоисточната земја разрушена од граѓанска војна.