Vreme.mk - Дознај на Време.

Свет

Покренато е ново судење поради „бунга бунга“ забавите на веќе покојниот Берлускони

15 октомври 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Slika

Врховниот касационен суд на Италија нареди ново судење за таканаречениот случај „Руби тер“, еден од неколкуте поврзани со наводните сексуални забави „бунга бунга“ што ги одржувал покојниот поранешен премиер и медиумски милијардер Силвио Берлускони во неговиот дом во Аркоро , во близина на Милано.

Судот ја укина ослободителната пресуда за дваесетина лица, вклучително и неколку жени кои присуствувале на забавите, на кои сега им претстои ново судење под обвинение дека земале мито од покојниот италијански премиер за да лажат за случајот на малолетничка проституција, пренесува Анса.

Меѓу обвинетите е и Мароканката со прекар „Руби крадецот на срцата“ Карима Ел Махруг, која наводно била платена за секс од Берлускони кога била сè уште малолетна, пред 2010 година.

Берлускони на крајот беше ослободен од обвинението за плаќање за секс со малолетничка во главниот случај „Руби“, со образложение дека нема докази дека знаел дека Ел Махруг во тоа време имала под 18 години.

Случајот „Руби тер“ се однесува на наводите дека Берлускони, кој почина минатата година на 86-годишна возраст, подмитувал сведоци да лажат за забавите за кои велат дека биле невини собирања.

Сите обвинети, вклучително и Берлускони, во првостепената постапка беа ослободени од технички причини.

Врховниот суд вчера одлучил дека се истечени роковите за обвинувањата за лажно сведочење против обвинетите во случајот „Рубитер“, но се потврди сличното обвинение, за корупција во судските дејствија.

Младите жени, вклучително и Ел Махруг, признаа дека Берлускони им плаќал и им дал станови, но инсистирале дека тоа првично го направил од великодушност, а подоцна за да им ја надомести штетата на угледот предизвикана од судењата.

Жените го добиле името „Олгетинес“ по миланската улица Виа Олгетина, каде се наоѓаат нивните луксузни апартмани.

© Сите права на објавата се на Vreme.mk

ПРОФИЛ